Пред почетокот на новата учебна година, Советот на Општина Кочани на 28. седница даде согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни и средни училишта.
Оваа точка отвори дискусија кај членовите на Советот, кои од една страна го истакнуваа соодносот помеѓу бројот на наставниот кадар и на учениците во основни и во средните училишта, а од друга страна иницираа опсежни анализи по кои ќе се преземат конкетни мерки за дејствување.
– Проблемот е децениски, и ако вака жестоко се дискутираше и се преземаа мерки, сега ќе го немаше. Но, потребно е да го запреме, да спречиме да се шири. Како Општина ние ги расчистивме долговите во образованието и веќе се инвестира во просторните услови, во реконструкција и санација на санитарните јазли и сл. Тешко на тоа образование во кое градоначалникот ќе решава кој да се вработува. За тоа има директори кои ја познаваат структурата на кадарот со кој располагаат и имаат овластување да одлучуваат по тоа прашање. Сметам дека треба да се запре непродуктивното вработување, пред сè заради крајниот продукт во образованието – рече од говорницата градоначалникот Николчо Илијев.
Членовите на Советот расправаа и за пречките што ги носи Законот за работни односи кој дозволува продолжување на работниот однос до 67 години и им ја скратува можноста за вработување на младите кадри.
Дискусијата доби на тензија во Советот кога состојбата во СОУ „Љупчо Сантов“ низ бројки ја илустрираше директорот Игор Христов, кој истакна дека во ова училиште во 2004 година имало 1 200 ученици и 54 вработени, а денес 648 ученици и 70 вработени.
Новиот Закон за основно образование дозволува да се формира паралелка со помалку од 20 ученици, по добиена согласност за генерација на ученици во прво одделение. Од вкупно 248 паралелки во сите кочански училишта, ќе се бара согласност од Министерството за образование и наука за формирање 174 паралелки со помал број ученици, од кои 10 паралелки се со ученици во прво одделение.