Во организација на Сојузот на училишен спорт – Кочани, а под покровителство на градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на 17 април, на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани ќе се одржи Пролетниот крос 2015.
На оваа традиционална манифестација ќе учествуваат ученици од основните и средните училишта во Кочани, студенти од Правниот и Економскиот факултет со седиште Кочани, но и студенти – жители на Кочани кои студираат на универзитетите во државава.
Новина од оваа година е што манифестацијата се отвора за сите полнолетни граѓани кои сакаат да учествуваат на Пролетниот крос. Засега е пријавено учество на вработени во образовните институции и од Здружението на пензионерите од Кочани.
Должините на патеките за трчање се различни, според возраста на учениците. Првоодделенците и второодделенците ќе трчаат на 60 метри, учениците од трето и четврто одделение на 90 м, од петто и шесто на 350 м, а од седмо, осмо и деветто, како и средношколците од први и втори клас – на 400 м. Најдолга е патеката за момчињата од трета и четврта година и за студентите – кои ќе трчаат на 600 м.
За сите натпреварувачи на Пролетниот крос, задолжителен е лекарски преглед.