Учениците кои завршија основно образование во учебната 2018/19 година, на 17 и 18 јуни имаа можност да се пријават за упис во двете средни училишта во Кочани.
Во првото пријавување од првиот уписен рок е регистрирано зголемување на новозапишани средношколци за околу десет отсто во однос на лани, при што најголем интерес има за електроструката во СОУ „Гошо Викентиев“, особено за образовниот профил за техничари за компјутерска техника и автоматика.
Во СОУ „Љупчо Сантов“ се пријавени 136 ученици, од кои 82 го гимназиската, а 54 во економската насока. Во техничкото училиште „Гошо Викентиев“ се пријавиле 159 ученика, од кои 90 во електро, 40 во машинската, а 29 во сообраќајната насока.
– Бројот на пријавени ученици досега е солиден и е според очекувањата. Секако дека тоа е далеку од максималниот број на ученици, но ако ги анализираме бројките во последните неколку години ќе забележиме дека во принцип се движиме во тој просек. Во последните три години се запишуваат околу 180 ученици во „Гошо Викентиев“ и околу 160 ученици во Гимназијата. За нас останува предизвикот како да мотивираме што повеќе ученици да се запишуваат во нашите училишта. Размислуваме како да овозможиме производство на кадри за пазарот на труд кои побрзо ќе дојдат до добро платени работни места – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.
Илијев најави заеднички состанок со релевантните чинители, за да се слушнат барањата на бизнис-заедницата, можностите на образованието, како и слободните работни места и лицата кои бараат работа, за да се направи спој на потребните кадри со работодавачите и да се овозможи преквалификација или доквалификација на заинтересираните.