Со поддршка од проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој општините Кочани, Штип и Делчево ќе реализираат изградба на сензорни соби за деца со пречки во развојот, односно реализација на проектот „Здрави деца – сигурна иднина“.
– Целта на овој проект е преку набавка на опрема и градење на т.н. сензорни соби, во комбинација со обуки на кадарот, да се постигне подобар амбиент и да се обезбеди соодветна кадровска поддршка на децата со пречки во развојот. Сензорната соба во Кочани ќе биде лоцирана во ОУ „Малина Попиванова“ каде има паралелка со ученици со пречки во развојот, а вкупниот буџет на проектот за трите општини е 2 милиона и 77 илјади денари – соопшти претседателот на Советот на Источниот плански регион, Николчо Илијев.
Според стручните служби, сензорните соби претставуваат специјално дизајнирана околина која треба да им овозможи на корисниците контролирано да се изложуваат на едно или повеќе сетилни доживувања со цел да се поттикне сензорната интеграција која е основа за оформување на одговорите кон надворешната средина. Долгорочниот ефект од овој проект би бил зголемена интеграција на децата со пречки во развојот во образовниот систем и во општеството.
Изградбата на сензорни соби во трите општини од Источниот плански регион е овозможена со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.