Како придружна содржина од 56. издание на Драмскиот аматерски фестивал, во Кочани гостуваа акробатските музичари Филип Тејлор и Гранета Фотиу кои настапија на неколку сцени низ градот.
– За да ја донесеме уметноста, културниот живот овде во Кочани, Фестивалот го изнесовме надвор, во паркот пред Центарот за култура, каде се прикажуваат и театарски претстави коишто имаат еден вид акробатско-карневалски карактер. Овде првпат е актерката од Грција, Фотиу и Американецот Тејлор. Тоа се акробатските музичари кои настапувале во Истанбул, Атина, ширум светот. Тие настапија и пред пазарџиите во Кочани, бидејќи веројатноста дека тие луѓе ќе дојдат на Фестивалот е многу мала и тоа беше фантастичен настан – соопшти Дарко Спасов, претседател на Управниот одбор на ДАФ.
Според Спасов, Драмскиот аматерски фестивал ќе добие на квалитет и интерес кај публиката само ако се зголемува соработката на регионално, национално и на меѓународно ниво, со партнерства коишто можат да ги движат културата и уметноста напред.
Драмскиот аматерски фестивал завршува на 1 јуни, кога ќе бидат доделени наградите на најуспешните претстави.