Во рамките на промотивните предуписни активности, деновиве близу илјада деца го посетија Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ и присуствуваа на презентацијата на инструментите што се изучуваат во него.
– Сите ученици од третите и четвртите одделенија од основните училишта од градот Кочани и подрачните основни училишта, како и децата од Детската градинка „Павлина Велјанова“ од сите четири објекти, беа гости на Музичкото училиште „Ристо Јуруков“ и имаа можност да се запознаат со сите инструменти што се изучуваат и да го почувствуваат секојдневниот, работен училиштен амбиент. Се обидовме нашите активности да ги претставиме прилагодени на нивната возраст и според нивните реакции, сметам дека излегоа задоволни и дека голем дел од нив од септември ќе ни бидат ученици – рече Јованка Милојевиќ, директорка на Музичкото училиште.
Во претставувањето на училишните активности се вклучени сите наставници.
Слободан Трајков, наставник по хармоника, вели дека во Музичкото училиште владее клима на другарство и почит и дека учениците тоа го чувствуваат.
– Ние ги презентиравме инструментите што ги поседуваме овде, што ги изучуваат нашите ученици и нашите посетители добија чувство дека се добредојдени овде. Изучувањето музички инструмент носи повеќе придобивки, убави навики и култура која не може да се стекне секаде – истакнува Трајков.
Уписите во ОМУ „Ристо Јуруков“ ќе траат од 3 до 10 јуни 2019 г.