Во присуство на гости, ученици и пензионирани пожарникари, Територијалната противпожарна едница – Кочани го одбележа 20 мај, Денот на пожарникарството во Македонија.
Единицата ја поздрави градоначалникот Николчо Илијев, кој го истакна задоволството што Кочани има пожарникарски состав што умее професионално да одговори на задачите и да се справи со предизвиците.
– Во изминатиов период набавивме нови работни и заштитни униформи за пожарникарите, а настојуваме да го подобриме возниот парк и техничката опрема. Работиме на воспоставување меѓуопштинска соработка со соседните општини Чешиново-Облешево и Зрновци на планот на противпожарната заштита – соопшти за медиумите Илијев.
Според командирот на Противпожарната единица Благојчо Паунов, во првите пет месеци од тековнава година се регистрирани стотина интервенции, а во периодот меѓу двата празника над 300.
Наградата за најуспешен пожарникар, која традиционално ја доделува градоначалникот, ја доби Валериј Џидров, а пофалници добија пожарникарите Кирчо Ефтимов и Гоце Сандански.
Во знак на поддршка на ТППЕ – Кочани, ученици од ОУ „Малина Попиванова“ пренесоа пораки за издржливост и доследност во професијата и им го честитаа празникот на кочанските пожарникари.