По повод Светскиот ден на Ромите, во организација на Здружението „Светла иднина“, во Кочани се одржа трибина на тема „Ромите во Кочани – некогаш и сега“.
На трибината, претставници од неколку институции и граѓански здруженија направија пресек на состојбите и на решавањето на важни ромски прашања на локално ниво, при што внимание беше дадено на подобрувањето на образовната структура на ромската популација.
Од Државниот просветениот инспекторат во Кочани нагласија дека опфатеноста во основното и во средното образование на учениците од ромска националност е зголемена за 50 проценти.
– Напредокот во образовната структура на Ромите во Кочани е забележлив. До пред неколку години кај нас се школуваа еден до двајца Роми во генерација, а многумина од нив, особено девојчињата не успеваа да го довршат средното образование. Во моментот во кочанската гимназија се образуваат 12 Роми, кои покажуваат особен интерес и напредок во наставата, а се вклучени во сите слободни активности, како и во проектите од програмата „Еразмус плус“, нагласи директорот на средното општинско училиште „Љупчо Сантов“, Игор Христов.
Присутните на трибината ги поздрави и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, кој го истакна напредокот со реализираните проекти од областа на инфраструктурата, урбанизамот, социјалната, детската и здравствената заштита, во која Ромите претставуваат доминантни корисници на услугите. Илијев повика на почитување и толеранција, но и на јакнење на свеста кај ромската популација за менување на навиките, посебно за зачувување на јавното добро.
Осврт кон животот на Ромите даде и Мустафа Саидов од Здружението „Светла иднина“.