Во центарот „Аква“, во рамките на општинската манифестација по повод Петровден, се одржа традиционалната Берза на винили, како дел од мултимедијалниот настан насловен „24 часа урбан здив“.
Ова е четврта по ред берза на винили, која, според организаторот Тошо Филиповски, сѐ повеќе станува регионална.
– Нашата тенденција е да доаѓаат што повеќе луѓе од што повеќе држави. На учесниците им се допаѓа амбиентот и гостопримливоста на Кочани, па ќе се трудиме да ја одржиме оваа приказна и да ја развиеме во културно лето, вели Филиповски.
Годинава на Берзата на винили има 13 учесници од Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора и Македонија. Тие нудат музика на сите физички формати: плочи, цедеа, касети, музика од сите жанрови, нови и стари изданија и од пред четириесетина години, како и реизданија.
Берзата на винили е придружена и од изложба на фотографии на македонски рок-бендови, односно на лидери на бендови на формат канвас, коишто беа дел од изложбата што Филиповски ја организираше во Сараево, а летово ја претставува низ Македонија.
Придружни содржини на Берзата на винили се настапи на диџеи од Бугарија, Србија, Грција, како и локални диџеи, потоа акустичен концерт на „Културно-уметнички работници“ – 40-минутно претставување на нивниот албум и преслушување на неколку плочи издадени оваа година од издавачката куќа „Корпус деликти рекордс“.
Мултимедијалниот настан е една од последните содржини на манифестацијата што ја организира Општина Кочани по повод празникот Петровден.