Денеска дваесет и еден студент кои ќе користат општинска стипендија за учебната 2021/2022 година, од вкупно пријавените дваесет и три студенти, ги потпишаа договорите со Општина Кочани.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов им ги додели договорите на студентите при што им посака многу успех во понатамошното студирање.
Конкурсот беше распишан за 30 (триесет) стипендии на редовни студенти жители на Општина Кочани, запишани на студии од прв циклус на јавните високообразовни институции во Република Северна Македонија и тоа за следните категории на студенти: најмногу 5 (пет) стипендии за студенти од Ромската етничка заедница, 10 (десет) стипендии за студенти од социјално загрозени семејства, најмногу 5 (пет) стипендии за студенти запишани на факултети за медицински науки, а останатите стипендии за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.
-На конкурсот беа пријавени 23 студенти, а од нив само двајца не ги исполнуваа условите. Општина Кочани и понатаму ќе продолжи да ги проширува стипендиите за други категории и да ги зголемува доколку има можност. Ги следиме потребите и барањата на младите – истакна Голубинка Гeоргиева, раководител на Oдделение за јавни дејности.
Oпштинска стипендија изнесува 3.000 ден (за еден студент) и се издава во тек на десет месеци.