Со примањето на уверението за градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов од денеска ја презеде највисоката локална извршна функција. Досегашниот градоначалник Николчо Илијев му ја предаде позицијата посакувајќи му добро здравје и успех во работата.

– На последните локални избори граѓаните го кажаа својот збор и на новиот градоначалник на Општина Кочани му го честитам добиениот мандат, му посакувам многу успеси во работата и очекувам неговата програма и заложби за подобро Кочани да ги спроведе на дело и со тоа да придонесе за подобрување на условите за живот на сите граѓани. Општината е со ликвидна сметка, оставаме многу проекти, има и такви коишто се во фаза на реализација, како што е изградбата на „Ленинова“ и на реконструкцијата на Градскиот парк и идното раководство ќе одлучи дали ќе ги продолжи или ќе менува нешто – изјави Илијев на примопредавањето.

Новиот градоначалник најави реализација на програмските цели и проекти.

– Очекувам спроведување на она што беше зацртано во мојата програма, реализација на проекти кои се во интерес на граѓаните и на проектите коишто се навлезени во длабока фаза – да ги завршиме до крај. За останатите ќе ја скенираме состојбата, ќе ги определиме приоритетите и ќе продолжиме да работиме. Еден од суштинските проекти на кои ќе посветам посебно внимание е реконструкцијата на главниот потисен цевковод што значајно ќе влијае на квалитетот на снабдувањето со вода во Кочани – најави  новиот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов.