Владата на Јапонија ѝ одобри грант на Општина Кочани во висина од 70 479 евра за реновирање на зградата на подрачното основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Горни Подлог. Реновирањето на зградата вклучува реконструкција на кровот, фасадата, делумна обнова на подот и замена на вратите и прозорците.
Договорот за одобрување на средствата беше потпишан во Јапонската канцеларија за врски во Скопје, по што Општина Кочани како носител на проектот, ќе ги преземе активностите за реализација на градежните работи.
– Влагата во училишната зграда во Подлог се зголеми по поплавите во февруари 2015 година, па реконструкцијата што претстои е добредојдена. За реализација на градежните активности ќе се искористи летниот распуст на учениците. Овој проект ќе обезбеди модерна енергетски ефикасна зграда со поквалитетни услови за работа и учење – соопшти градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
Училиштето во Горни Подлог е објект изграден пред 50 години, во кој посетуваат настава 130 ученици од прво до деветто одделение од селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.