Во рамките на активностите за борба против родово базираното насилство, денеска  со собир во Градскиот парк, Општина Кочани ја поддржа кампањата што се реализира по иницијатива на Билјана Ангелова, сопруга на амбасадорот на Република Бугарија.

Вработени во Општина Кочани во соработка со претставници на граѓански здруженија поделија летоци со информативна и едукативна содржина против насилството, со што симболично ја поддржаа иницијативата на Ангелова.

– Кампањата на Ангелова е замислена како долгорочна акција, а овој собир треба да ја истакне поддршката на жртвите на семејно насилство, да им се објаснат нивните права и да се едуцираат каде треба да побараат помош, доколку им е потребна – изјави Голубинка Георгиева, раководителка на Одделението за јавни дејности во Општина Кочани.

Сопругата на бугарскиот амбасадор преку социјалните мрежи повика на поддршка на жените и децата, жртви на родово базирано насилство и преку донации на телефоните: А1 143 133 и Телеком 143 999. Заинтересираните можат да се вклучат и онлајн, преку порака напишана на дланките и споделена фотографија на социјалните мрежи.

Координаторката за еднакви можности во Општина Кочани Љубинка Ајтовска истакна дека во Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2022 година се планирани активности со различни целни групи кои се очекува да дадат придонес во јакнењето на свеста за борбата против семејно и секаков друг вид насилство.