Вработени во Општина Кочани во соработка со претставници на граѓански здруженија поделија летоци со информативна и едукативна содржина против насилството, со што симболично ја поддржаа иницијативата на Ангелова.
– Кампањата на Ангелова е замислена како долгорочна акција, а овој собир треба да ја истакне поддршката на жртвите на семејно насилство, да им се објаснат нивните права и да се едуцираат каде треба да побараат помош, доколку им е потребна – изјави Голубинка Георгиева, раководителка на Одделението за јавни дејности во Општина Кочани.
Сопругата на бугарскиот амбасадор преку социјалните мрежи повика на поддршка на жените и децата, жртви на родово базирано насилство и преку донации на телефоните: А1 143 133 и Телеком 143 999. Заинтересираните можат да се вклучат и онлајн, преку порака напишана на дланките и споделена фотографија на социјалните мрежи.
Координаторката за еднакви можности во Општина Кочани Љубинка Ајтовска истакна дека во Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2022 година се планирани активности со различни целни групи кои се очекува да дадат придонес во јакнењето на свеста за борбата против семејно и секаков друг вид насилство.