Почнаа изведбените работи за јавното осветлување на населените места Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, проект за кој се наменети 60 илјади швајцарски франци, обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Избраниот изведувач „Електрика“ работи на ископ на дел од трасата што води од подрачното училиште во Подлог кон селото Мојанци. Челични столбови со светлосна арматура и подземен вод на каблите ќе бидат поставени и на делницата од Горни Подлог  кон Долни Подлог, со што ќе се осветли пат во вкупна должина од 2 100 м.

Светилките ќе бидат со максимално оптоварување до 80 вати и со ефикасност од 60 до 66 % заштеда, со висок квалитет по европски стандарди.

Со овој проект Општина Кочани ја продолжува соработката со Швајцарската агенција за развој и соработка  со која досега се реализирани повеќе проекти, меѓу кои е и Пречистителната станица за отпадни води.  Рехабилитацијата на патот Кочани – Подлог – Мојанци, а по него и јавното осветлување на Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци се надоврзување на Пречистителната станица. Начинот на решавање на инфраструктурните потреби во овие села е пример за реализирање на стратешката цел за пристоен живот и во централното градско подрачје и во населените места.