На 26 и 27 февруари во Инфоцентарот на Пониква се одржа работилница за разгледување поволен модел за управување за идното заштитено подрачје „Осоговски Планини“, на која учествуваа високи претставници од министерствата за животна средина и за земјоделство, шумарство и водостопанство, потоа од општините кои гравитираат кон Осоговските Планини, Јавното претпријатие „Македонски шуми“, како и претставници на други релевантни институции.
На работилницата беа презентирани модели на управување од соседните земји, Република Бугарија и Република Србија. Притоа присутните експерти истакнаа дека претпријатието „Србијешуме“ управува со 50 проценти од заштитените подрачја во Србија, а шумарскиот сектор односно Асоцијацијата на паркови во Бугарија управува со пониските категории заштитени подрачја.
Моделот за управување беше дискутиран со сите клучни страни, а високи претставници од претпријатието „Македонски шуми“ изразија подготвеност да се вклучат како управувачи во идното заштитено подрачје „Осоговски Планини“.
Градоначалниците од регионот се изјаснија дека стојат зад овој процес за прогласување заштитено подрачје на Осогово, но заради ограничените технички, стручни (човечки) и финансиски ресурси на општините, тие немаат капацитет директно да управуваат со заштитеното подрачје, пред сè поради големината на подрачјето. При тоа се заклучи дека ЈП „Македонски шуми“ е најпогодна засегната страна на која би ѝ се доделило идното управување. Тие ја истакнаа подготвеноста да ги прифатат предизвиците и да дефинират структура што ќе одговори на задачата, пред сè поради површините под шуми на просторот кој административно зафаќа седум општини и заради моменталните ингеренции над шумските екосистеми како и екипираноста со човечки ресурси и познавање на теренот.
Согласно законските основи дефинирани се модел и предлог-структура за управување која ќе биде доработена подетално во наредниот период заедно со ЈПМШ и ќе биде дел од Студијата за валоризација на природните вредности на Осоговските Планини во делот за предлог-управувач на подрачјето.
Во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија во следниот период ќе треба да се спроведе кампања за идното заштитено подрачје, серија на јавни настани и состаноци со сите засегнати страни. Целиот процес треба да кулминира со прогласување на подрачјето за заштитено со одлука на Влада, а потоа и да се изработи план за управување на „Осоговските Планини“ како ново заштитено подрачје.