Со цел непосредно да ги вклучи граѓаните во процесот на донесување одлуки, Општина Кочани во петокот, на 9 октомври, во салата на Спомен-домот „АСНОМ“ реализираше јавна трибина за развојните програми.

Претставници на месни и урбани заедници, граѓански организации, на младите, активно се вклучија предлагајќи и коментирајќи го концептот на развојните општински програми за Кочани кој го претстави градоначалникот Николчо Илијев.

Илијев истакна дека според првичниот план во 2021 година ќе се асфалтираат десетина улици во градот и населените места, дваесет се планирани за реконструкција и десет улични краци за бетонирање. Со средства од Буџетот на Општина Кочани идната година се планира реконструкција на паркот во централно градско подрачје, изградба на пешачки мост помеѓу паркот и Трговскиот центар, завршување на експропијацијат  на објектите на улицата „Стево Тедосиевски“ со булеварско решение.

Во месноста Пресечена Скала ќе се градат објектите за дислокација на  станарите од Старата Касарна, а со средства од државниот буџет се очекува изградба на браната на Арамиска Чешма, изградба на канализациска и водоводна мрежа на Пониква, како и промена на главниот цевковод за водоснабдување од градскиот водовод. По одобрувањето на проектната документација од Министерството за труд и социјална политика, ќе продолжат настојувањата за реализација на проектот за изградба на старечки дом.

Од сообраќајната инфраструктура е планирана изградба на шест кружни текови на улицата „Тодосија Паунов“, еден на влезот во Кочани, на крстосницата на улиците „Димитар Влахов“ и „Павлина Велјанова, изградба на велосипедски патеки на улиците  „Тодосија Паунов“, „Димитар Влахов“ и на релацијата Грдовци – Мојанци – Подлог; реализација на ново паркинг-решение на Градскиот плоштад. Исто така планирана е реконструкција и на сите пешачки мостови во градот.

Со програмите за 2021 година планирана е изградба на детски паркови и игралишта во населбата Бавчалук, на улицата „Скопска“, на крак од улицата „Четврта македонска бригада“, во месноста Колерски Гробишта и повеќенаменско игралиште кај новата градинка во населбата Драчевик.

Предлозите и идеите што ги изнесоа граѓаните на јавната трибина пред сѐ беа поврзани со конкретни решенија во урбанистички планови и со инфраструктурни зафати во населените места. Претставници на младите се интересираа за можноста за вклучување во активности на институции чиј почеток на работа се очекува наскоро.

Наредниот период граѓаните имаат можност преку Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани да доставуваат писмени предлози за реализација на инфраструктурни и други видови проекти, со што непосредно ќе ги искажат потребите за подобрување на квалитетот на животот.