Вчера околу 18.30 ч. Кочани го зафати невреме проследено со обилен дожд, ветер и грмежи.
Под силата на ветерот попуштија неколку дрвја во Лесна индустрија и во централниот дел на градот.
Според Центарот за управување со кризи, невремето откорна дрвја во кругот на Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ при што е направена штета на училишната ограда.
– Искршени дрвја и гранки паднаа и во близина на компанијата ТИНГ, кон магистралниот пат А3. Територијалната противпожарна единица – Кочани, Македонијапат и КЈП „Водовод“ интервенираа за нормализирање на состојбата и отстранување на последиците – соопшти градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
Од електричните празнења е настанат прекин на јавното осветлување во делови од селата Мојанци, Тркање, Горни и Долни Подлог и во градот на улиците „Скопска“, „Охридска“, „ Мородвиска епископија“ и „4 Македонска бригада“. Екипите се на терен и работат на отстанување на дефектите во трафостаниците.
Вчерашното невреме во Кочани предизвика и поплава во едно од кочанските претпријатија во Лесна индустрија, поради што во текот вчерашниот ден Територијалната единица интервенираше со испумпување на водата.