Во тек се градежните работи на шест улици што се реализираат со средства од Буџетот на Општина Кочани.
Крак од улицата „Крум Вранински“ се подготвува за асфалтирање. Екипи на КЈП „Водовод“ работат на изградба на фекална канализација во должина од 130 м. Во тек се активности и на улицата „Карпошово востание“, каде поради специфичноста на теренот и објектите што се испречуваа на самата улица, се работи подолго време. Кракот е тампониран и се постапуваат рабници. Во оваа група улици за изградба се влезени и „7 Септември“ и „Искра“ крак 2, сите во населбата Усова чешма.
На западната страна на Кочани, во Белското Маало, почна изградбата на потпорните ѕидови на улицата „Васил Главинов“, откако се надминаа имотно-правните пречки коишто досега ги оневозможуваа градежните активности. Во населбата Варница, претстои асфалтирање на улицата „Борис Ефтимов“, каде претходно изведувачот „Премиум билдинг“ ќе гради потпорни ѕидови.
За реализација на оваа патна инфраструктура, Општина Кочани намени 11,3 милиони денари.