На патот Кочани – Пониква, на пет километри од Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ се наоѓа црквата „Свети Климент Охридски“, нов сакрален објект на Осоговските Планини. Осветена е на 13 септември 2015 година, на денот на положувањето на Појасот на Пресвета Богородица и свети Кипријан Картагински.

Православниот храм „Св. Климент Охридски“ на Осоговските Планини е ктиторско дело на Благој Ситновски и неговото семејството. Архитектонското решение е на архитектот Александар Гицов, а целиот иконопис е дело на академскиот сликар м-р Александра Димитрова, и двајцата од Кочани.

Изборот и изработката на фрескосликарството е на браќата Тони и Ромео Коцеви од Радовиш, а решението за иконостасот, вратата и останатите елементи изработени во дрворез се на Слободан Димитриевски од Пробиштип.

Архитектонскиот облик на храмот е карактеристичен за периодот од 9 – 14 век, па и подоцна, а пред сè го претставува сакралниот градителски опус на Климентовото и Наумовото време. Црквата е изградена на триконхална основа со впишан крст, со високо издигната купола. Олтарниот простор и наосот се одделени со низок дрвен иконостас. На западната страна продолжува со полуотворен нартекс носен од колонада со четири столба со правоаголен пресек. Источната конха истовремено претставува и олтарна апсида. Северната и јужната конха се расчленети со по три пиластри.

Фасадното решение е со разбиени површини, со што уште повеќе се нагласува висината, што претставува основен белег на ваквиот тип градби. Визуелниот ефект се зголемува со високата купола на централниот дел каде што е пресекот на двата крака од впишаниот крст.

Фрескописот во наосот е разделен во две хоризонтални зони. Во првата зона се ликовите во цел раст. Прикажани се светите воини Димитриј и Велокомаченик Георги; светите апостоли Павле и Петар, осоговските пустиножители св. Прохор Пчински, Јован Рилски, Гаврил Лесновски и Јоаким Осоговски; светите учители Кирил и Методиј; светите жени св. Петка, Марија Магдалена, Недела и Лидија (првата жена покрстена од свети Павле на македонските простори) и др.

Во олтарниот простор е претставена Богородица Оранта, а кровниот дел на високата купола го исполнува претставата на Исус Христос Пантократор. Во втората зона се застапени сцени од основните циклуси. Големите празници се застапени само со Раѓањето, Благовештението, Крштевањето и Воскресението, додека од циклусот за животот на Богородица застапено е Успението.

Иако се држат до основните иконографски канони, од свежината и живоста на користените бои лицата и фигурите одразуваат одредена сила и живост адекватна за денешното време.

Иконостасот е низок, со еден ред престолни икони и е изработен од резбано дрво. Долниот ред е во дрворез во комбинација од флорални и геометриски мотиви. Посебно се издвојуват Царските двери, исполнети со резба, со крстот над иконостасот. Мајсторите мошне умешно ја продолжиле традицијата на македонската резбарска школа.

Четирите престолни икони се сосема во склад со каноните на византиското сликарство. Три од нив го формираат Деисисот, во средина Исус Христос Пантократор, лево од него е св. Јован Крстител, а десно е претставена Богородица со малиот Христос, во молитвена поза, додека четвртата е икона е на св. Климент Охридски, патронот на храмот.

Дворот на храмот „Свети Климент Охридски“ е ограден, озеленет, со чешма и садови за палење свеќи.

Според митрополитот Брегалнички, г. Иларион овој храм бог го прими како најголем дар и убавина на оваа древна и прекрасна планина, да го краси овој крај. Во знак на благодарност за изградбата на храмот, Брегалничката епархија го одликуваше ктиторот Благој Ситновски со златен орден со ликот на заштитникот на епархијата, „Св. Николај Мирликијски Чудотворец“.

Автори:

Илинка Атанасова

Љубинка Ајтовска

На следните линкови може да ги погледнете и видеата направени за црквата: