Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го посетија Центарот за ран детски развој во село Тркање, кој во состав на Детската градинка „Павлина Велјанова“ ќе започне да работи од 1 септември.
Згрижувањето и воспитувањето на децата во Центарот е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден.
– Овде сме симболично да означиме дека оваа просторија, во Подрачното основно училиште „Никола Карев“ е подготвена за функцијата на Ран детски развој. Во Тркање има 24 дечиња кои ги исполнуваат условите да бидат згрижени овде. Од нив 11 веќе ја посетуваат Детската градинка во Кочани, а за дел од останатите 13 веќе има пополнето пријави и од 1 септември ќе почнат со настава. Многу е важно децата да бидат едуцирани од стручни лица. Тие се нашата иднина и наша задача тие да бидат подготвени за образованието, а подоцна и за пазарот на трудот. Центарот за ран детски развој, во средина како што е Тркање, докажува дека вложуваме во нив, а минатата седмица го потпишавме договорот за изградба на нова детска градинка во Кочани – соопшти Илијев.
– Задоволство е да се биде во една проактивна општина, како што е Кочани, во која градоначалникот и ги подготвува проектите и заеднички решаваме како ќе бидат финансирани и нивниот старт се гледа многу брзо. Овој Центар за рано учење и развој е навистина важен бидејќи се отвора во рурална средина. Јас како министерка и ние како Влада вложуваме во еднакви можности за старт во образованието на децата и од рурални и од урбани средини. Затоа ги повикувам родителите од Тркање да не се мислат дали да ги запишат децата или не, затоа што од тоа нема да имаат штета, туку ќе имаат само добробит. Децата овде имаат можност да се соочат со нагледни средства, коишто дома најчесто ги немаат, процесот на учење е воден од обучени воспитувачки и воспитувачи и сметам дека со тоа ќе постигнеме од ова село да имаме деца коишто се подобро подготвени за во основно образование, а со тоа ќе постигнуваат подобри резултати и во средно, но и на крајот како држава имаме подготвени граѓани за економски раст и развој, затоа што знаеме дека човечкиот капитал во една држава е најважниот капитал. Ние како Влада тоа го препознаваме и отвораме градинки во сите рурални општини каде што се создава можност за тоа и градиме современи, интерактивни капацитети во градските средини, зашто само така можеме да ги задржиме младите, а и човечкиот капитал да даде раст во државата – рече министерката Царовска.
Опремувањето на Центарот за ран детски развој во Тркање е финансирано од УНИЦЕФ.