Новоизградениот објект на „Антура“ – Кочани е на површина од 15 илјади метри квадратни, опремен со најсовремена технологија и лабораторија за производство на цвеќе.
За само четири години од доаѓањето во Македонија, оваа гринфилд инвестиција вредна 15 милиони евра обезбеди 440 нови работни места.
Од менаџерскиот тим на компанијата рекоа дека вложувањето во развојот нема да запре, што ќе придонесе двојно да се зголеми производството, но и бројот на вработените.
– Развојот и брзиот пораст на компанијата со првиот погон во Кочани, во кој се произведуваат десетина милиони растенија годишно, ги надмина нашите очекувања. Поради тоа решивме да го удвоиме капацитетот и за краток период ќе можете да го видите резултатот, а нашите планови се до 2020 година да имаме над 700 вработени. Овој успех е заслуга на сите наши вработени, затоа што да се произведе цвеќе е само еден чекор од успехот, а неговиот квалитетен и брз пласман го комплетира процесот, истакна Јохан Схејле, управител на компанијата Антура МК.
На предавањето на новиот капацитет на „Антура“ присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев кој рече дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе поддржува вакви и слични успешни странски инвестиции.
На отворањето на новиот погон присуствуваа и холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп, членови на управниот одбор и менаџерскиот тим, градоначалници од регионот, владини претставници и вработени во „Антура МК“.
Компанијата „Антура“ е една од петте странски инвестиции што дојдоа од Холандија и успешно работат во Кочани.