Во пресрет на новогодишните празници, ОУ „Никола Карев“ во Кочани организираше спортско-музички настан на кој гостуваше поранешниот ученик, сегашен фудбалски репрезентативец Јован Манев.
Присуството на фудбалерот Манев предизвика голем интерес во јавноста, која ја наполни Спортската сала „Никола Карев“, па учениците и публиката имаа можност да поминат пријатна дружба со Манев, кој, како што истакнаа организаторите, секогаш дава поддршка за училиштето во кое учел и самиот.
Настанот и средбата со репрезентативецот со кочанско потекло има за цел да ја поттикне младата популација на спортски и рекреативни активности. Со овој пример училиштето покажува дека не ги заборава претходните ученици и покажува дека сегашните и идните ученици секогаш ќе имаат голема поддршка од ОУ „Никола Карев“.
Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој беше претседател на ФК „Кочани“ додека Јован Манев настапуваше во младинските категории на клубот, ги истакна важноста и потребата од континуираните вложувања во спортот, за кои секогаш е потребно време за да дојдат до израз.