Во организација на Македонското еколошко друштво, во Кочани се одржа Форум за рурален развој како дел од кампањата за заштитено подрачје на Осогово. Форумот имаше за цел да го запознае локалното население со процесот на прогласување на Осогово како заштитено подрачје, како и со придобивките и обврските што ги носи заштитеното подрачје во однос на земјоделството и шумарството.
Форумот го отвори градоначалникот на Кочани и претседател на Советот на Источниот плански регион Николчо Илијев, кој ги истакна значењето и придобивките од заштитеното подрачје, а за прeдлогот за заштитено подрачје Oсоговски Планини говореше Деспина Китанова, раководителка на Програмата за заштитени подрачја.
На форумот учествуваа професорите Соња Иванова и Владимир Џабирски од Факултетот за земјоделски науки и храна и Николчо Велковски од Шумарскиот факултет во Скопје. Исто така беа претставени и позитивни примери за рурален туризам во Лесново и за живот во заштитено подрачје.
– Неколку години работиме на процесот на воспоставување заштитени подрачја во државата, при што приоритет им дадовме на Осоговските Планини и на врвот Ченгино Кале во Малешевијата. Сите истражувања, анализи и заклучоци се завршени, а бидејќи ни е важно и мислењето на локалното население, го вклучивме во нашата иницијатива. Деновиве ќе го доставиме проектот до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое понатаму треба да ја доврши законската постапка и Осогово да биде прогласено за заштитено подрачје. Во наредниот период истиот процес ќе биде спроведен и за Ченгино Кале – изјави Китанова од Македонското еколошко друштво.
На форумот беше донесен заклучок дека заедно со процесот за прогласување на заштитено подрачје, во регионот на Осоговските Планини треба да се интензивираат и да се поддржат активностите за традиционално сточарство и земјоделство.
Активностите за прогласување на активностите за заштитено подрачје ги спроведува Македонското еколошко друштво во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија преку Швајцарската агенција за развој и соработка.