Во организација на Сојузот на училишен спорт – Кочани, а под покровителство на градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, по осми пат, на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани се одржа Пролетниот крос – 2018.
На Пролетниот крос учествуваа околу 500 ученици од сите основни и средни училишта во Кочани, како и мал број ветерани, вљубеници во атлетиката.
– Наша цел е да влијаеме за подобрување на спортскиот дух кај населението, а како придобивка е здравиот начин на живеење, без оглед што тоа се прави на рекреативна основа. Потврда за успешноста на Пролетниот крос е масовноста и интересот кај најмладите, но и меѓу повозрасните наши сограѓани, рече Зоран Андонов, претседател на Сојузот на училишни спортови од Кочани.
Првите тројца пласирани натпреварувачи во секоја категорија добија дипломи и медали.