Учениците од Кочани го користат постојниот линиски превоз за училишни потреби, што како трошок е на товар на Општина Кочани, што е според одредбите на усвоениот Закон за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според членот 27-б од овој Закон, бесплатниот превоз на учениците утврден со Законот за основното и Законот за средното образование на подрачјата на две или на повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз се врши од страна на носителите на дозвола на меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени од превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

За спорадичните проблеми како непостоечка релација или соодветен временски термин се наоѓаат соодветни решенија.

Училишниот превоз организиран на овој начин е по реални цени и за реални патници.

По основ на училишен превоз Општина Кочани наследи од претходната локална власт долг од 38 милиони денари. Цените беа неколкукратно повисоки од пазарните, а за бројот на учениците што го користеа не се водеше евиденција.

Со новиот начин на организирање на превозот по пазарни цени, според првичните пресметки, за една учебна година ќе се заштедат над 10 милиони денари. Тоа ќе бидат средства со кои ќе се решат други проблеми во училиштата, како што се поправки на санитарни јазли, кровни конструкции и обезбедување нагледни помагала.

Собранието на Република Македонија, на 3 септември 2018 година, на 58. седница, го усвои предлогот на Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој се врши уредување на начинот на остварување на правото на бесплатен превоз на учениците од основните и од средните училишта, во рамките на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз. Станува збор за иницијатива на ЗЕЛС, за решавање на предизвиците со кои се соочуваат локалните власти при спроведувањето на надлежностите во образованието.