Со изложбата на уметнички слики од кочански ориз под наслов „Будење на внатрешноста“ на Снежана Лазарова-Луна, од утре, 18 септември, започнува 24 издание на меѓународната културна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски кој е претседател на Организацискиот одбор на манифестацијата на прес-конференција соопшти дека годинава содржините се распоредени во десетина дена. Централните настани се во последниот викенд од октомври, кога ќе се избере жетварската убавица, ќе пристигнат уметничките состави од странство и делегации од збратимени општини на Кочани.
Обичајот традиционална жетва и вршење е на 4 октомври, на ниви во селото Прибачево. На тој настан ќе се приреди и дегустација на традиционални јадења од кочански ориз и ќе се додели награда за најупешен земјоделец во Кочанско.
Аника Илијевска Ѓорѓиева од Одделението за јавни дејности истакна дека Општина Кочани е задоволна од соработката на стопанствениците кои и финансиски ја покрепуваат манифестацијата, со што покажуваат дека во неа гледаат достоен начин за нивна презентација.
Во рамките на манифестацијата, ќе биде промовирана „Монографија за кочанскиот ориз“ од група автори, на „Оризовата вечер“ ќе настапи Елена Ристеска, а во Прибачево ќе пее Евто Пупиновски.