Италијанскиот амбасадор во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели и градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски учествуваа на трибината со наслов Твој избор – твој глас, што се одржа во Кочани, со поддршка на ЕУ Инфо-точката во Општината.
– Овде сум да ја пренесам пораката од ЕУ дека претстојните избори ќе се спроведат во демократски амбиент. Би сакале да помогнеме земјата да излезе од долгата политичка криза, да ја пренесеме пораката до народот да соработува со нас, со институциите и со народниот правобранител, да знаат кои се правата на гласачите и да гласаат слободно. Направивме порака што ќе се пренесе до гласачите на повеќе јазици, на македонски, турски, ромски, тоа се јазици кои се позастапени во вашата општина. Една од информациите е дека можат да се проверат дали се на списокот на гласачи и ако не се имаат точно упатство што да направат и точно да знаат какви се нивните права и да знаат дека се слободни при гласањето – изјави италијанскиот амбасадор Белели.
Градоначалникот Димитровски го изрази задоволството од посетата на амбасадорот Белели на Кочани. Средбата била искористена и за истакнување на можностите за соработка.
– Во врска со претстојните избори амбасадорот ја истакна неговата заложба тие да поминат регуларно. Јас го уверив дека Кочани не е место каде што може да има изборни неправилности и секоја помош којашто е дојдена од страна е добредојдена – соопшти градоначалникот Ратко Димитровски.
На трибината присуствуваа членови на Советот, претставници на граѓански здруженија и урбани и месни заедници.