Носител на активноста е Женската граѓанска иницијатива „Антико“ – Скопје со проектните партнери – Здружението за мултикултурна афирмација и едукација на жените и младите во руралните средини „Секогаш соживот“ од прилепското село Канатларци и Здружението за образование и култура „Адрион“ од Желино, во соработка со Општина Кочани.
– Се работи за активност што се спроведува на светско ниво и почнува на 25 ноември и ќе трае до 10 декември, а нашите напори се елиминирање на секаков вид насилство врз жените, меѓу кои е и семејното насилство. Целта е да се подигне свеста во јавноста против насилството воопшто, како тоа да се препознае и да се искористат механизмите за заштита. Со проектот се опфатени десет општини во сите региони во државата. Курсевите ќе продолжат и наредната година во уште шест општини – истакна Умуѓулсум Јусуфоска од Здружението „Секогаш соживот“.
Во рамки на проектните активности се работи на зголемување на пристапот на жените до едукација и образование преку професионални повеќемесечни курсеви, односно обуки за развивање вештини и компетенции што ќе овозможат тие да бидат поконкурентни на пазарот на труд. Курсевите во Кочани главно беа за фризерски услуги и веќе се завршени, а наскоро ќе им бидат доделени сертификатите на учесничките.
Проектот е поддржан од Швајцарската влада преку Цивика мобилитас.