Новото осветлување на Трговскиот центар оформи уште една фаза планирана со реконструкцијата на оваа локација во Кочани.
– Вградивме ЛЕД-светилки со ленти на сите скали, поставени се светилки на подот и на парапетните ѕидови, рефлектори во зеленилото и осум канделабри. Светлината што доаѓа од различни нивоа и страни ѝ дава поинаква естетска димензија на една од најпрометните пешачки површини во Кочани – соопшти градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.
До крајот на реконструкцијата останува да се постави дел од придружната комунална опрема и да се поправат и доуредат детали, со што ќе бидат комплетирани сите активности.
– Сметам дека со реализацијата на овој проект Кочани доби пристојно, урбано место што нуди повеќе можности. Останува пораката сите да се грижиме подеднакво за него, да го чуваме и одржуваме – повика градоначалникот Илијев.
Со проектот за реконструкција на Трговскиот центар, беше опфатена површина од 2 800 метри квадратни, на која бетонските се заменија со гранитни, нелизгави плочки, се постави атмосферска канализација, урбана опрема, а постојните дрвја се надополнија со нови 80 садници од видот туја. На јужната страна на Трговскиот центар се планира изградба на детско игралиште, за кое постапката за избор на изведувач е во тек.