Жетварки и жетвари во народна носија, гости од земјава и од странство, членови на фолклорни друштва од Балканот, придружувани од жетварската убавица и нејзините придружнички учествуваа во една од најстарите и најмасовните културни манифестации во регионот – традиционалната жетва на ориз во јубилејните, 25-ти „Денови на кочанскиот ориз 2016“.

На нива на Грдовски Пат, првата оризова ракатка ја зажнеа жетварската убавица Сандра Петрова, а со благослови и песна жнееја членовите на Здружението на пензионерите – Кочани.

По жетвата, во дворот на Институтот за ориз, на импровизирано гумно беше прикажан обичајот вршење. Зрната од ожнеаните оризови кластови, послани на земја ги одвојуваше коњ врзан за стожер.

Повеќе од илјада гости имаа можност да ги проследат изложените традиционални ракотворби на деветте кочански урбани заедници уредени во етнокатчиња во Паркот на Револуцијата и да вкусат од јадењата со ориз: тавче, зелници, сарма, како и специјалитетите – лапа, сутлијаш и пилав.

Настанот беше збогатен и со настапот на етногрупата „Љубојна“ и Џамбо Агушев.

За најуспешен земјоделец годинава беше прогласен Ванчо Трајчев, оризопроизводител од Оризари. Наградата ја доделува Општина Кочани и е во висина од 80 илјади денари.