Пречистениот текст на Статутот на Општина Кочани ги опфаќа: Статут на општина Кочани „Сл.гласник на Општина Кочани“бр.3/06), Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на општина Кочани („Сл.гласник на Општина Кочани“бр.10/06 Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на општина Кочани („Сл.гласник на Општина Кочани“бр.4/08),  Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на општина Кочани („Сл.гласник на Општина Кочани“бр.6/08) Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на општина Кочани („Сл.гласник на Општина Кочани“бр.9/08) и Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на општина Кочани („Сл.гласник на Општина Кочани“бр.7/010)   

 

 

СТАТУТ

НА ОПШТИНА   КОЧАНИ

(Пречистен текст)

 

I. Општи одредби

 Член 1

Општина Кочани е основана и нејзиното подрачје е утврдено со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 55/04), и ги опфаќа градот Кочани и селата: Безиково, Бели, Вранинци, Горни Подлог, Горно Гратче, Главовица, Грдовци, Долни Подлог, Долно Гратче, Јастребник, Костин Дол, Лешки, Мојанци, Небојани, Нивичани, Ново Село, Оризари, Пантелеј, Пашаџиково, Полаки, Пресека, Прибачево, Припор, Рајчани, Речани, Тркање и Црвена Нива.

 

 Член 2

Со овој Статут на Општина Кочани (во натамошниот текст: Општината), во согласност со закон, се уредуваат:

  • организацијата и работата на органите на Општината;
  • организацијата и работењето на комисиите на Советот на Општината;
  • вршењето на работите согласно начелото на супсидијарност;
  • начинот на информирање на граѓаните и слободниот пристап до информации од јавен карактер;
  • случаите на исклучување на јавноста од седниците на Советот на Општината;
  • начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на Општината и постапување по нив;
  • начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните;
  • начинот на објавувањето на прописите на Советот;
  • начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба;
  • месната самоуправа;
  • начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината;
  • како и други прашања од значење за Општината.

 

 Член 3

Определени прашања сврзани со остварувањето на надлежностите, процедурите за работа и одлучување во Советот на Општината, поблиску се уредуваат со деловник на Советот на Општината (во натамошниот текст: деловник).

Деловникот го донесува Советот на Општината (во натамошниот текст: Совет), со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

 Член 4

Седиштето на Општината  е во Кочани, на  ул. „Раде  Кратовче“ бр.1.

 

 

  1. II. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НА ОПШТИНА КОЧАНИ

 

Член 5

 Општината има грб.

Грбот на општината е златен (жолт) штит, црвена глава и тенок црвен обраб, на штитот се поставени стилизирани оризови класови 3-2-1 на водена површина означена со бранови 2-3-2 кои што претставуваат оризово поле.

На главата на грбот е аплицирана посебна симболика за Кочани, термалниот извор и оризовите класови“.

 

 Член 6

 Општината има знаме.

Знамето е со пропорции 1:2.

Знамето е во црвена боја, по целата должина се аплицирани два жолти појаси со широчина од 1/8 од вкупната широчина, нивната поставеност е исто така на 1/8 од рабовите на знамето, а црвениот внатрешен простор е 1/2 од широчината на знамето.

            Меѓу жолтите појаси е поставена апликацијата од главата на Грбот на општината, така што средината на симболот за (термалниот) извор се најде во пресекот на дијагоналите на знамето, а оддалеченоста на истиот симбол од жолтите појаси е 1/8 од широчината“.

 

                                                                        Член 6 а

Општината има песна на градот.

За песна на градот Кочани се утврдува песната „Кочани, граду мој“ од авторот Тоше Филипов од Кочани.

Текст на песната:

 

КОЧАНИ, ГРАДУ МОЈ

Има еден град во светот

што живот за нас значи

има многу детски срца

безгрижно во него растат.

Топол дом за сите луѓе

нежен зрак што душа грее

каде и да одиш

сакаш дома пак ти да се вратиш

О, граду мој, граду твој.

Рефрен:

Бело злато, ширно поле

а над тебе бујни шуми

река Кочанска те краси

душа,живот што ти дава

секој што те видел еднаш

повторно се враќа тука.

О, граду мој, најубав

Кочани, Кочани

Нема зборој што ќе можат

да ти кажат што ни значиш

сета љубов што ја носам

преку песна ти ја праќам. 

 

           

Член 7

За утврдување  на Грбот и знамето на Општината, Советот распишува конкурс и образува комисија.

Комисијата од пристигнатите  трудови по објавениот  конкурс  утврдува предлог  за  грб, односно знаме  и го доставува  до Советот  на усвојување.

Советот го усвојува предлогот со мнозинство гласови од присутните членови на Советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.

 

Член 8

 Општината има печат со тркалезна форма со пречник од 3,2 см  во чија средина   се наоѓа грбот  на општината  и на чии рабови е испишано  Република  Македонија -Општина  Кочани.

 

Член 9          

Празници на општината се: Денот Петровден(12 Јули) и 7 Септември денот на ослободувањето на Кочани од фашистичката окупација“.

 

 III. Организација и работење на органите на Општината

 

  1. Совет

 

а) Конституирање

 

Член 10

Конституирањето на Советот, се врши со верификација на мандатот на членовите на Советот избрани на начин утврден со закон и со давање и потпишување на свечаната изјава со содржина утврдена со закон.

Верификацијата на мандатите на членовите на Советот се врши на првата конститутивна седница на Советот, по предлог на Комисија за  прашања на верификација,  што се формира на почетокот на седницата од редот на новоизбраните членови на Советот.Комисијата е составена од 3 членови на Советот.

Верификацијата на мандатите на членовите на Советот кои не биле присутни на првата седница на Советот, ја врши Советот на првата седница на која тие ќе присуствуваат.

 

Член 11

Постапката за верификација на мандатите на членовите на Советот поблиску се уредува со Деловникот.

 

б) Права и должности на членовите на Советот

 

Член 12

Членот на Советот има права и должности утврдени со закон и со овој Статут.

Членот на Советот се стекнува со своите права и должности по верификацијата на мандатот.

 

Член 13

Членот на Советот има право и должност:

  • да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од локално значење, како и од значење за граѓаните во Општината;
  • да дава иницијативи за донесување одлуки и други акти од надлежност на Советот, како и да предлага амандмани, на начин и по постапка предвидени во Деловникот;
  • да бара од администрацијата на Општината (во натамошниот текст: администрација), како и од јавните служби, установи и претпријатија и од други институции, основани од Општината, податоци и други информации за прашања од нивниот делокруг, а што му се потребни за неговата работа во Советот;
  • да бара и добие стручна помош во изработувањето на предлози што тој му ги поднесува на Советот, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што му ги доверил Советот, односно комисија во која членува;
  • да ги чува како тајна податоците, кои се класифицирани како такви, што ќе ги дознае на седница на Советот или на комисија.

 

Член 14

Членот на Советот има право да присуствува и учествува во работата на седница на комисија на Советот, иако не е член на комисијата, но без право на одлучување.

 

Член 15

Членот на Советот кој од оправдани причини е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј член е, должен е за тоа благовремено да го извести претседателот на Советот и претседателот на комисијата.

Членот на Советот кој од оправдани причини подолго време е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј член е, има право да побара од Советот одобрение за отсуствување од седниците.

По барањето од ставот 2 на овој член, Советот одлучува без претрес.

 

в) Претседател на Советот

 

Член 16

Претседателот на Советот го избира Советот со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број  на членовите на Советот.

Предлог за претседател на Советот може да даде секој член на Советот.

Изборот на претседател на Советот може да се изврши и со тајно гласање, доколку за таков предлог на член на Советот одлучи Советот со мнозинство од присутните членови на Советот.

Постапката за избор на претседател на Советот со тајно гласање се уредува со Деловникот.

 

г) Начин на работа

Член 17

Советот работи на редовни седници, а по потреба може да одржува свечени и вонредни седници.

 

Член 18

Денот, часот и местото на одржување на редовна седницата на Советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи на седницата се објавуваат на огласна табла  на Општината.

Претседателот на Советот може да одлучи денот, часот и местото на одржување на седницата на Советот, како и предлогот на дневниот ред да се објават во средствата за јавно информирање.

 

Член 19

Советот одржува свечени седници за одбележување на значајни историски настани, а може да одржува свечени седници и за ислушување на говори на наши и странски државници, претставници на меѓународни организации и истакнати граѓани на странски држави како гости на Општината и во други случаи кога Советот ќе оцени дека е потребно.

 

Член 20

Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности.

Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање од најмалку 1/3 од членовите на Советот или на предлог на градоначалникот.

Поканата за вонредна седница заедно со предлогот на дневен ред на членовите на Советот им се доставува на најбрз можен начин.

Пред отпочнувањето со работа на седницата, членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на вонредна седница, без претрес  и со мнозинство од присутните членови на Советот.

 

Член 21

Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Советот, на седницата претседава најстариот член на Советот.

Член 22

Советот може да одлучи со мнозинство гласови од вкупниот број присутни членови на Советот, гласањето по определени прашања да биде тајно.

 

Член 23

Свикувањето на седниците на Советот, утврдувањето на дневниот ред, текот на седницата, записниците, постапката за донесување акти и други прашања сврзани со работата на Советот, поблиску се уредуваат со Деловникот.

 

  1. Градоначалник

 

Член 24

Градоначалникот ги врши своите надлежностите во рамките утврдени со закон и овој Статут.

 

Член 25

Градоначалникот присуствува и учествува во работата на седниците на Советот, а по потреба и на седниците на комисиите на Советот и посебните тела на Општината, без право на одлучување.

Градоначалникот може да определи и свои претставници кои присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Советот, неговите комисии и посебните тела на Општината.

 

Член 26

Градоначалникот редовно, го известува Советот за извршување на  поодделни работи од негова надлежност, а најмалку  еднаш  годишно.

 

Член 27 

            Градоначалникот обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината.

            Градоначалникот управува со сопственоста на Општината во јавен интерес и како добар домаќин.

            Градоначалникот е должен, во управувањето со сопственоста на Општината, да презема мерки и да го обезбедува користењето, одржувањето и заштитата на сопственоста на Општината во согласност со закон.

 

Член 28

Градоначалникот соработува со градоначалниците на другите општини по прашања од заеднички интерес од надлежност на општините.

 

Член 29

Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство.

Решението од став 1 на овој член градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата.

Решението од став 1 на овој член се објавува во „Службен гласник на Општина Кочани“.

За настапувањето на спреченоста или отсуството, градоначалникот го известува претседателот на Советот и членот на Советот кој ќе го заменува.

 

  1. Посебни тела на Општината

 

а) Комисија за односи меѓу заедниците

                                                                       

Член 30

Во општината се формира Комисија за односи меѓу заедниците.

Одлука за формирање на Комисијата за односи меѓу заедниците донесува Советот на општината на предлог на Комисијата за мандатни прашања избори и именувања.

 

Член 31

Составот, начинот и делокругот на работа на Комисијата за односи меѓу заедниците се уредува со посебна Одлука што ја донесува Советот на Општината.

 

б) Совет за заштита на потрошувачите

 

Член 32

Во Општината се формира Совет за заштита на потрошувачите, како постојано работно тело на Советот на Општината Кочани.

Советот за заштита на потрошувачите брои 9 члена и тоа:

  • Два члена од редот на членовите на советот;
  • Еден член од јавното комунално претпријатие;
  • Два члена од здруженијата на потрошувачи;
  • Два члена од други здруженија на граѓани од други здруженија на граѓани;
  • Еден член од стопанските комори;
  • Еден член од државните органи на инспекцискиот надзор кои имаат надлежност поврзана со заштита на потрошувачите.

Советот за заштита на потрошувачите предлага локална двегодишна програма за заштита на потрошувачите, во согласност со Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на РМ, која ја усвојува Советот на Општината Кочани.

Советот за заштита на потрошувачите остварува редовни контакти и соработка со Советот за заштита на потрошувачите на Владата на РМ

 

Член 33

Одлука за формирање на Советот за заштита на потрошувачите донесува Советот на Општината, на предлог на Комисијата за мандатни прашања  избори и именувања.

Комисијата за мандатни прашања избори и именувања,  го составува предлогот од став 1 на овој член по претходно добиени предлози на облиците на месна самоуправа  во Општината.

 

Член 34

Советот за заштита на потрошувачите од редот на своите членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите, со јавно гласање.

 

Член 35

Советот за заштита на потрошувачите работи на седници.

Седниците по правило се јавни.

Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Советот за заштита на потрошувачите.

Советот за заштита на потрошувачите може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите.

Советот за заштита на потрошувачите одлучува со мнозинство од вкупниот број членови на Советот за заштита на потрошувачите.

На седниците на Советот за заштита на потрошувачите можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот и претседателот на Советот на Општината, без право на одлучување.

 

Член 36

Советот за заштита на потрошувачите разгледува прашања и утврдува предлози коишто се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби на Општината, а особено:

  • ја следи состојбата на давањето на услуги од јавните служби;
  • се грижи за решавање на проблемите што граѓаните ги имаат при користење на услугите од претпријатијата и установите што вршат јавни услуги;
  • се грижи за унапредување на односот на вработените кај давателите на услуги кон корисниците на услугите;
  • организира јавни трибини и други форми на учество на граѓаните на кои ќе се расправа за унапредување на заштитата на потрошувачите.

 

в) Совет  за урбанизам

 

Член 37

Во Општината се формира Совет за урбназам, заради пренесување на ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, како и заради следење на состојбите и давање иницијативи насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Општината.

Партиципативното тело од областа на урбанизмот се состои од 5 членови.

 

Член 38

Одлука за формирање Совет за урбанизам донесува Советот, на предлог на Комисијата за мандатни прашања,  избори и именувања.

Членовите на Советот за урбанизам се избираат:

  • од редот на членовите на Советот;
  • од граѓаните на општината;
  • од здруженијата на граѓани;
  • од истакнати стручни лица од областа на урбанизмот и
  • стручни лица од општинската администрација.
  •  

 

Член 39

Советот за урбанизам од редот на своите членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на партиципативното тело, со јавно гласање.

 

Член 40

Советот за урбанизам работи на седници.

Седниците по правило се јавни.

Седниците ги свикува  и со нив раководи претседателот на Советот за урбанизам.

Советот за урбанизмот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови.

Советот за урбанизам одлучува со мнозинството од вкупниот број членови.

На седниците можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот и претседателот на Советот, без право на одлучување.

 

  1. IV. Организација и работење на комисиите на Советот на Општината

 

  1. Комисии на Советот

 

Член 41

Советот ги образува следните постојани комисии:

  • Комисија за мандатни прашања, избори и именувања;
  • Комисија за финансии и буџет и локален економски развој;
  • Комисија за комунални работи, планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина и природата;
  • Комисија за сообраќај, јавна безбедностност и противпожарна заштита;
  • Комисија за култура, образование и спорт и правата на децата;
  • Комисија за здравство и социјална заштита;

             –    Комисија за месна самоуправа и граѓански иницијативи;

  • Комисија за земјоделие;
  • Комисија за прекугранична соработка;
  • Комисија за статут и прописи;
  • Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

 

Делокругот на комисиите од став 1 на овој член се определува со Деловникот на Советот.

Советот може да образува и други постојани и повремени комисии, чиј состав и делокруг се определува со актот за нивното формирање.

 

  1. Состав, избор и начин на работа на комисиите

 

Член 42

Комисиите на Советот се состојат од претседател и  4 члена.

 

Член 43

Избор на претседател и членови на комисија на Советот се врши на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.

Комисијата за мандатни прашања,  избори и именувања го дава предлогот од став 1 на овој член врз основа на претходно доставени предлози на политичките партии застапени во Советот, при што води сметка за примена на принципот за нивна пропорционална застапеност во комисиите, имајќи го предвид вкупниот број на комисиите на Советот.

Изборот на претседател и членови на комисија се врши со мнозинство од присутните членови на Советот.

 

Член 44

Предлог за разрешување на претседател и членови на комисија може да даде комисијата, Комисијата за мандатни прашања избори и именувања, најмалку 3 (три) членови на Советот и претседателот на Советот.

По предлогот за разрешување одлучува Советот, со јавно гласање, со мнозинство на присутните членови на Советот.

 

Член 45

Избор заради промена на поодделен член на комисија се врши на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, при што не може да се наруши принципот на пропорционална застапеност на партиите во комисиите.

 

Член 46

Комисијата работи на седници.

Дневниот ред на седницата на комисијата се утврдува на почетокот на седницата.

 

Член 47

Комисијата може да работи ако на седницата присуствува мнозинство членови на комисијата.

Комисијата одлучува со мнозинство гласови на присутните членови.

 

Член 48

Ако одлучи да му поднесе извештај или предлог на Советот, комисијата определува свој известител, кој по налог на комисијата, по сопствена иницијатива или по барање на Советот, на седницата на Советот ќе го образложи ставот или предлогот на комисијата.

 

Член 49

На седницата на комисијата задолжително присуствува претставник на предлагачот на материјалот што се разгледува.

Претставникот на предлагачот има право на седницата на комисијата да учествува во разгледувањето на предлогот што го поднел.

 

Член 50

Комисијата има право од предлагачот да бара известување, појаснување, како и други податоци што и се потребни за работа, а со кои предлагачот располага или е должен да ги собира и евидентира.

 

Член 51

На седниците на комисијата може да присуствуваат и да учествуваат претставници на органи, организации, заедници и здруженија, како и научни, стручни и јавни работници, заради изнесување на нивни мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на комисијата.

Поканата до лицата од ставот 1, ја доставува претседателот по претходна консултација со членовите на комисијата.

 

  1. V. Вршење на работи според начелото на супсидијарност

 

Член 52

Општината, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, има право на своето подрачје да спроведува иницијативи во врска со сите прашања од значење за Општината, што не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Определувањето на работите од ставот 1 на овој член, дефинирањето на нивната содржина, начинот и постапката на нивното вршење се уредуваат со посебни одлуки на Советот, по предлог на градоначалникот.

 

Член 53

Општината може да доделува награди.

Наградите се доделуваат како знак на признание за постигнати остварувања што претставуваат посебен придонес за развој на Општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во областа на економскиот развој, науката, уметноста, културата, образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други области.

 

 Член 54

Наградата може да се доделува на физички и правни лица од Општината, Републиката и од други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации или нивни претставници.

 

Член 55

Советот формира одбор за доделување на наградата.

Со одлука на Советот поблиску се уредува видот на наградата, начинот на доделување, како и составот  и начинот на работа на Одборот;

Средства за наградата и за работа на одборот се обезбедуваат од Буџетот на Општината и од други извори на приходи.

 

Член 56

Општината може да востановува други награди и признанија.

 

  1. VI. Информирање на граѓаните и слободен пристап до информации од јавен карактер

 

а) Информирање на граѓаните

 

Член 57

Органите на Општината, комисиите на Советот на Општината и јавните претпријатија и установи основани од Општината ги информираат граѓаните за одлуките и своите активности кои се од непосредно значење за животот и работата на граѓаните во Општината и за други информации од јавен интерес.

Граѓаните се информираат за:

  • прописите кои ги донесува Советот на Општината;
  • начинот и условите за остварување на нивните права;
  • обврските на граѓаните кои произлегуваат од надлежност на Општината;
  • плановите, проектите и програмите кои се во подготовка, а се од значење за развојот на Општината;
  • услугите кои ги добиваат од јавните служби и општинската администрација и начинот на нивното  добивање;
  • приходите кои се остваруваат во Општината и начинот на нивна распределба и трошење;
  • јавните набавки;
  • именувањето на директори и претставници во управните одбори на јавните претпријатија и установи;
  • други информации кои произлегуваат од надлежноста на органите на Општината и јавните претпријатија и установи во согласност со закон.

 

Член 58

Информирањето на граѓаните се врши редовно, без надоместок, преку:

  • издавање службен гласник на Општината;
  • објавување на публикации;
  • информативни канцеларии водени од општинската администрација и јавните служби основани од Општината;
  • огласни табли (во простории на Општината, јавните претпријатија и установи, месната самоуправа);
  • веб-страница;
  • јавни трибини;
  • средствата за јавно информирање и
  • на друг соодветен начин кој е најповолен за информирање на јавноста.

 

Член 59

Информирањето на граѓаните се врши на службениот  јазик кој се користи во Општината.

 

б) Слободен пристап до информациите од јавен карактер

 

Член 60

Во Општината се обезбедува правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на Општината (Советот и Градоначалникот), јавните претпријатија и установи основани од Општината и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања доверени од Општината (во натамошниот текст: иматели на информации).

По исклучок, во случаи утврдени со закон, правото на слободен пристап до некои информации со кои располагаат имателите на информации од став 1 на овој член, може да биде ограничен или да се обезбеди делумен пристап.

 

Член 61

За информации со кои располагаат и до кои се обезбедува слободен пристап, имателите на информации востановуваат и водат листа на информации која се објавува на начин кој е достапен за барателите на информации.

За листата на информации и условите и начинот на слободен пристап до информациите, граѓаните се известуваат преку огласна табла или на друг погоден начин.

Имателите на информации се должни редовно на секои три месеци да ја ажурираат листата на информации од јавен карактер со кои располагаат.

Листата на информации од јавен карактер за органите на Општината ја предлага  Градоначалникот, а ја утврдува Советот.

Листата на информации од јавен карактер за јавните претпријатија и установи основани од Општината ја утврдува управниот одбор на предлог на директорот.

 

Член 62

Постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации се остварува во согласност со закон.

Градоначалникот на Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат Советот на Општината и администрацијата.

Директорот на јавното претпријатие и јавната установа основана од Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат согласно статутот на претпријатието и установата.

 

Член 63

Слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат имателите на информации имаат сите правни и физички лица (во натамошниот текст: барател на информацијата).

Слободниот пристап до информации се остварува во законски утврдениот рок:

  • со увид во документите со кои располага имателот на информацијата;
  • со добивање препис, фотокопија или електронски запис од документите со кои располага имателот на информацијата.

Имателот на информацијата за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите определува службено лице.

 

Член 64

Барателот на информацијата за извршениот увид или добиениот препис, фотокопија од електронски запис на информацијата, плаќа соодветен надоместок во висина на материјалните трошоци, утврдени на начин уреден со закон.

Барателот на информацијата при поднесувањето на барањето се известува за плаќањето и висината на соодветниот надоместок.

 

Член 65

Барателот на информација има право на жалба до надлежниот орган за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер доколку имателот на информацијата не ја достави бараната информација.

 

Член 66

Советот на Општината усвојува годишен извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите во минатата година во Општината.

Годишниот извештај за остварувањето на слободен пристап до информации го подготвува градоначалникот на Општината и го доставува до Советот, најдоцна до 31 јануари во тековната година.

Извештајот од ставот 1 на овој член ги содржи и податоците за остварениот слободен пристап до информациите со кои располагаат и јавните служби кои ги формира Општината.

Извештајот од ставот 1, по усвојувањето се доставува до надлежниот орган за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

  

VII. Исклучување на јавноста од седниците на Советот

 

Член 67

Советот може да работи без присуство на јавноста само во случаи определени со закон и овој статут, како и кога тоа ќе го предложат градоначалникот,  претседателот на Советот или најмалку 3 (три) членови на Советот.

Исклучувањето на јавноста може да се бара, кога прашањето за кое се расправа има допирни точки со јавниот морал; кога може да ги загрози интересите на определена личност или има допирни точки со одбраната и сигурноста на граѓаните.

По предлогот од ставot 1 на овој член, Советот одлучува без претрес, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

VIII. Претставки и предлози

 

Член 68

Физичките и правните лица имаат право да поднесуваат претставки и предлози што се однесуваат на работата на органите на Општината и администрацијата.

 

Член 69

Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник пред овластено лице во администрацијата.

За претставките и предлозите не се плаќа такса.

 

Член 70

Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесувањето претставка или предлог, ниту поради тоа може да биде повикан на одговорност.

 

Член 71

Градоначалникот, во зависност од содржината на претставката, односно предлогот овластува еден или повеќе службеници да постапат по претставката, односно предлогот.

Постапувањето по претставката, односно предлогот опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката или за оправданоста на предлогот, како  и  преземање на потребни мерки за отстранување на евентуална повреда на правото на подносителот или повреда на јавен интерес.

 

Член 72

Градоначалникот е должен во што е можно покус рок, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави одговор.

  

  1. IX. Јавни трибини, анкети и предлози од граѓаните

 

Член 73

Органите на Општината, заради утврдување политика во определена област, преземање мерки за разрешување на прашања и проблеми од значење за граѓаните од подрачјето на Општината, како и при предлагање на одредени акти од своја надлежност може да организираат јавна трибина, да спроведат анкета или да прибираат предлози од граѓаните.

Видот, постапката, начинот и времето на организирање на формите на непосредно учество на граѓаните од ставот 1 на овој член се уредува со акт на органот што ја организира.

За организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните се објавувава соопштение во средствата за јавно информирање, во кое се назначува видот, целта, предметот и други податоци важни за организирање на соодветната форма на непосредно учество на граѓаните и се повикуваат заинтересираните за учество.

Организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните, може да се врши во соработка со други општини и со облиците на месна самоуправа.

За јавната трибина, анкетата или предлозите на граѓаните се изготвува извештај.

 

Член 74

При организирање јавна трибина, спроведување анкета и прибирање предлози од граѓаните ќе се обезбеди:

  • текст на документот или нацрт на одлука и друг општ акт објавен на погоден начин за да им биде достапен на граѓаните и на други заинтересирани субјекти;
  • собирање и разгледување на мислењата и предлозите што биле изнесени и
  • изготвување на извештај.

 

Член 75

Со Деловникот  на Советот се уредува  начинот  и постапката  на организирање  на јавна и стручна расправа по нацрти на прописи од надлежност  на Советот.

 

  1. X. Извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба

 

Член 76

Во воена состојба, органите на Општината:

  • продолжуваат да ги извршуваат работите утврдени со закон и
  • преземаат мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра на своето подрачје од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив.

Општината се подготвува за извршување на обврските од став 1 на овој член преку:

  • планирање и организирање на мерките за заштита и спасување за свои потреби;
  • формирање единици и штабови за цивилна заштита, во согласност со закон  и прописи засновани на закон;
  • обучување за одбрана, односно вклучување во активности за стекнување на неопходни воено-стручни и други знаења за учество во одбраната;
  • преземање мерки, активности и постапки за заштита и чување на тајноста на податоците, информациите и документите од областа на одбраната, во согласност со закон и прописи засновани на закон;
  • координација и соработка со другите општини.

 

XI. Начин на објавување на прописите на Советот

 

Член 77

Прописите на Советот се објавуваат во службеното гласило на Општината, пред да влезат во сила.

Прописите се објавуваат во „Службен гласник на Општина Кочани“ најдоцна во рок од 7 (седум) дена од денот на нивното донесување.

Службено гласило на Општината е „Службен гласник на Општината Кочани“.

Во службеното гласило на Општината може да се објавуваат и прописи на други општини.

 

Член 78

Прописите на Советот влегуваат во сила, осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општината Кочани“, а по исклучок што го утврдува Советот, најрано со денот на донесувањето.

            Прописите на Советот можат да влезат во сила и во покус рок од осум дена ако:

  • причините поради кои се предлага донесувањето на прописот и целите што се сака да се постигнат со неговото донесување се од итен и неодложен карактер;
  • не создаваат материјални обврски за граѓаните и правните лица;
  • прашањата што се регулираат се од сферата на одбраната, заштитата и спасувањето и сл.;
  • тоа го налагаат начелата на целисходност, рационалност, ефикасност, економичност, оперативност и сл.

 

XII. Месна самоуправа

 

Член 79

Граѓаните во општината одлучуваат за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.

 

Член 80

            Во општината како облици на месна самоуправа можат да се основаат:

            -во градот – урбани заедници;

            -во населените места – месни заедници.

 

Член 81

            Подрачјето за кое се основаат урбаните заедници се границите на урбаните единици утврдени со урбанистичкиот план на градот.

            Подрачјето за кое се основаат месните заедници се границите на катастарските општини на населените места.

Член 82

            Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10 % од граѓаните, жители на подрачјето за кое има интерес за основање на облик на месна самоуправа.

 

Член 83

            Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.

            Иницијативата за основање се доставува до Советот на општината која ја разгледува и оценува дали се исполнети условите и основани потребите  за основање  на облик на месна самоуправа.

 

Член 84

            Одлуката за основање облик на месна самоуправа се донесува на Собир на граѓани од соодветното подрачје по пат на јавно гласање со мнозинство гласови од присутните граѓани, на кој треба да присуствуваат најмалку 5% од избирачите, жители на соодветниот облик на месна самоуправа.

            Собирот на граѓани од претходниот став на овој член го свикува Градоначалникот на општината, во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката на Советот по иницијативата  за основање на облик на месна  самоуправа.

 

Член 85

            Граѓаните преку облиците на месна самоуправа, во согласност со овој Статут и одлуките за основање се грижат за:

            -решавање на прашања од комунална инфрастрктура за соодветното подрачје;

            -одржување на објектите од јавен интерес (водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.);

            -заштита на животната средина и природата;

            -уредување и одржување на гробиштата во селските населби;

            -покренување иницијатива за уредување на просторот, изградба и реализација на инфраструктурни објекти од јавен интерес.

-организирање културни, спортски, забавни и други манифестации; и

            -други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните.

            Советот на облиците на месната самоуправа дава иницијативи и предлози до надлежните органи на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.

 

Член 86

            Работите од членот 85 на овој Статут се финансираат од:

            – средствата што Општината ќе им ги отстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;

            – средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;

            – средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;

            – средства од надомест на услуги и

            – подароци и други средства.

            Прибирањето и трошењето на средствата  од ставот 1 се врши преку Буџетот на Општината.

 

Член 87

Орган на облиците на месна самоуправа е Советот.

Советот на облиците на месна самоуправа го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на собир на граѓани со јавно гласање, доколку Собирот не одлучи гласањето да биде тајно .

Советот  на облиците на  месна самоуправа е составен од 3 (три) до 7 (седум) члена.

Мандатот на членовите на Советот на месната самоуправа трае 4 (четири) години.

 

Член 88

Одлука за распишување на избори за членови на Советот на облиците на месна самоуправа донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот.

Ако Одлуката од ставот 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок Одлука за распишување за избор на членови на Советот на облиците на месната самоуправа, донесува Собирот на граѓани.

Одлуката за распишување на избори се објавува јавно во локалните медиуми најмалку 15 дена  пред датумот на изборите.

 

Член 89

Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот на облиците на месна самоуправа се врши на Собир на граѓани, доколку присуствуваат најмалку 5 % од граѓаните, жители на соодветниот облик на месна самоуправа.

За утврдени се сметаат кандидати  кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.

 

Член 90

Постапка за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот на облиците на месна самоуправа поблиску се уредува со правилата за работа на обликот на месна самоуправа, донесени од Советот на Општината.

 

Член 91

За избрани членови на Советот на облиците на месна самоуправа се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство односно најголем број гласови од избирачите кои гласале.

 

Член 92

Советот на облиците на месна самоуправа од редот на своите членови избира претседател кој го претставува и застапува обликот на месната самоуправа.

 

Член 93

Градоначалникот на Општината, со решение може да делегира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, по претходна согласност на претседателот на Советот на обликот на месната самоуправа.

Средствата потребни за извршување на работите, од ставот 1 на овој член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста.

Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој член.

 

Член 94

Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено-финансиските работи на органот во обликот на месната самоуправа.

Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.

 

Член 95

Општината води евиденција на облиците на месна самоуправа основани на нејзиното подрачје.

 

XIII. Изменување и дополнување на Статутот

 

Член 96

Иницијативи за изменување и дополнување на Статутот на Општината може да предложат најмалку една половина од членовите  на Советот на Општината, Градоначалникот  на Општината и најмалку 10% од избирачите од Општината;

По иницијативата за изменување и дополнување на Статутот одлучува Советот со мнозинство од вкупниот  број на членови  на Советот.

 

Член 97

По прифаќањето на иницијативата за изменување и дополнување на Статутот, градоначалникот изготвува предлог на статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот.

 

XIV. Преодни и завршни одредби

 

Член 98

Имателите на информации од членот 59 на овој статут се должни во рок од шест месеци од денот на донесувањето на овој статут да ја донесат и објават листата на информации од членот 63 на овој статут.

 

Член 99

Градоначалникот на Општината во рок од три месеци од денот на донесувањето на овој статут, согласно актот за организација на општинската администрација, ќе распореди државен службеник од администрацијата кој ќе ги извршува работите на посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

 

Член 100

Во рок од 9 месеци од денот на влегување во сила на овој статут, Општината ќе ги воведе во евидeнција постојните облици на месна самоуправа, основани во согласност со Статутот на Општината.

 

Член 101

Со влегување во сила на овој статут престанува да важи Статутот на Општината Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“,  бр.12/2002).

 

Член 102

Овој статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кочани“.

 

                                                                                    Општинска администрација

                                                                                           на Општина Кочани