– Разговаравме за критичните точки во загадувањето на воздухот во Кочани предизвикано од фабриката „Пејпар мил“, како и за влијанието на малите хидроцентрали врз животната средина. Општина Кочани е отворена за комуникација со намера да даде придонес во надминувањето на проблемите. Во тоа треба да се вклучат сите надлежни државни институции, како и граѓанскиот сектор преку компетентни стручни лица. Заедничкото конструктивно дејствување ќе помогне во остварување на целите – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Во разговорот со претставниците на Националната коалиција за животна средина градоначалникот Илијев додаде дека се покажува оти локалната власт многупати е немоќна да реагира на проблемите со кои се соочува локалната заедница, но дека општината цврсто стои на зелените перспективи што значи градење општество кое се стреми кон заштита на животната средина, но и на демократските вредности во целина.
– На средбата со градоначалникот ги добивме на увид досегашните реализирани активности и проекти во врска со актуелните прашања од областа на животната средина. Заеднички став е дека граѓанското општество треба да ја има улогата на двигател и јасен посочувач на локалните проблеми, но и да биде конструктивен критичар, да дава предлози и сугестии за нивно надминување – соопшти Кирил Ристовски, претседател на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“.
Според Ристовски, целта на проектот на Националната коалиција за животна средина „Еднаков пристап за ефективна правда“ е да се посочат клучните слабости во управувањето со животната средина, да се изготват конкретни заклучоци и предлог-решенија за нивно надминување. Во наредниот период ќе се изработи компаративната анализа на постојните модели на правна помош во и надвор од EУ, како и за Водич за користење бесплатна правна помош со насоки за потребните документи за апликација.