Со цел да се зајакне дијалогот меѓу единицата на локалната самоуправа и локалниот бизнис-сектор, градоначалникот Николчо Илијев реализираше средба со кочанските стопанственици.
Заедно со директорот на КЈП „Водовод“ и претставници од секторите за локален економски развој, урбанизам и уредување на градежно земјиште одговараа на прашања од присутните од приватниот сектор и споделуваа мислења за изнаоѓање соодветни начини за подобрување и унапредување на состојбите и квалитетот на живеењето.
Во воведното обраќање Илијев истакна дека Општината настојува да го олесни работењето на екомските субјекти, да помогне во пристапот до европските фондови, да одговори на урбанистичките потреби, на патната и другата инфраструктура. Посебен акцент стави на туризмот како најбрзо растечка гранка, која треба да се стави во функција на локалниот економски развој.
Поздравувајќи ја средбата, претставниците од бизнис-секторот се интересираа за урбанистичкото планирање и фазите во кои се наоѓаат детални урбанистички планови за неколку градски четврти, изнесуваа идеи за развој на туризмот на Пониква и за искористувањето на геотермалните води, за решавање на одредени инфраструктурни и комунални проблеми.
Градоначалникот Илијев истакна дека ставовите и размислувањата се корисни за двете страни, а за изнесените предлози чија реализација е во надлежност на Општината, ќе се преземат соодветните активности.