Мартина Шахинова, репрезентативка, член на Карате клубот „Партизан“ од Кочани ја доби стипендијата за спортист-спортска надеж што ја доделува Општина Кочани за спортски резултати постигнати во претходната година.

Пријавата на Шахинова беше единствена на конкурсот што го распиша Општина Кочани, за што најголемо влијание имаше здравствената криза која предизвика застој во редовните спортски активности и натпреварувања.

Мартина Шахинова во 2020 година, во периодот пред почетокот на пандемијата, учествуваше на Европското првенство во Будимпешта, освои второ место на меѓународен натпревар во Србија, го доби Националното спортско признание – спортска надеж, беше прогласена за трета јуниорка во карате преку Карате федерацијата на Македонија и беше избрана за спортист на Кочани.

Во период од  шест месеци, Шахинова ќе биде стипендирана со месечен износ од 3 илјади денари.

Општинската стипендија за спортист-спортска надеж има за цел да ги поттикнува младите од Кочани да спортуваат и да остваруваат значајни спортски резултати.