Во пресрет на најголемиот христијански празник, под мотото „Сподели радост“, денеска во Градскиот парк се одржа претпразнична програма и Велигденски базар.
На Велигденскиот базар учествуваа учениците од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ и „Малина Попиванова“, кои продаваа свои изработки и собраа 42.000 денари, средства што ќе бидат наменети за детските содржини од Велигденскиот хепенинг.
Пред многубројната публика во Градскиот парк, во културно-забавната програма настапија деца од Приватната детска градинка „Амичи“, ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ и ученици од ОМУ „Ристо Јуруков“, СОУ „Љупчо Сантов“, ОУ „Крсте Петков Мисирков“, „Раде Кратовче“ и „Малина Попиванова“.
Велигденскиот хепенинг го одбележува големото црвено јајце, декорација изработена од учениците и менторите од машинската струка од СОУ „Гошо Викентиев“.
В недела, на 16 април, во рамките на Велигденскиот хепенинг, од 11 ч. ќе се одржат Ротари детски игри; во 12 ч. е „Светот на Биби“; од 16 ч. е настапот на македонски музичари меѓу кои и Тамара Грујевска, Мартинијан Кириловски, Мите Стоилов, Мелани Тарчуловска, Стефан Манасијевиќ, Ана Петановска и Џенгис Мемедовски, а од 20 ч. е настапот на Елена Ристеска.