Во присуство на министерот за локална самоуправа Горан Милевски и на гости од бугарската општина Гоце Делчев, со Фестивал на танц, култура и традиција беше одбележана завршницата на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, со кој е реконструиран објектот на Мултикултурниот центар во Кочани.

Настанот започна со дефиле на учесниците, пет локални фолклорни состави и еден гостински од Бугарија. Со кратки танцови запирања, тие го поминаа потегот од Градскиот плоштад до Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“.

На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Кочани, кој го изрази задоволството што завршува проект од ИНТЕРРЕГ-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија, реализиран преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион како водечки партнер  и  Општина Гоце Делчев како втор проектен партнер.

– За граѓаните на Кочани веќе се видливи резултатите од овој проект – стариот културен  објект е во ново руво, поубав и функционален со сите простории со коишто располага. Сега се доуредува внатрешноста на Мултикултурниот центар, за да почне целосно да функционира со уметници и младинци, граѓански здруженија и публика, со настани и активности – реконструкцијата и адаптацијата доаѓаат во вистинско време. Очекуваме овој проект да има значајно влијание за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион, преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство – истакна Илијев.

На Фестивалот настапија фолклорните ансамбли „Митко Алексов“ и „Мугри“ од Кочани, „Љупчо Сантов“ од Оризари, „Китка“ од Истибања и гостите „Палави ножинки“ од Гоце Делчев, Бугарија.

Со вечерашниов Фестивал на танцот, културата и традицијата започна Летната културна програма што во наредните две седмици, до празникот на Кочани – Петровден, ќе донесе 14 културни настани.