Жетварки и жетвари во народна носија, гости од земјава и од странство, членови на фолклорни друштва од Балканот, придружувани од жетварската убавица и нејзините придружнички учествуваа во една од најстарите и најмасовните културни манифестации во регионот – традиционалната жетва на ориз во „Деновите на кочанскиот ориз 2015“.
На нива во селото Прибачево, првата оризова ракатка ја зажнеа жетварската убавица Нина Лаковиќ, а со благослови и песна жнееја членовите Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари и на Здружението на пензионерите – Кочани.
Обичајот зажнивање го следеа и Вен Џеншун, амбасадор на Република Кина во Македонија, Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Билјана Вуковиќ, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
По жетвата, на сретсело, на импровизирано гумно беше прикажан обичајот вршидба. Зрната од ожнеаните оризови кластови послани на земја се одвојуваа со коњ кој газеше врз нив, врзан за стожер.
Повеќе од илјада гости имаа можност да ги проследат изложените традиционални ракотворби на домаќинствата од Прибачево уредени во етнокатче, да видат разбој и ткајачка, да вкусат јадењата од ориз: тавче, зелници, сарма како и специјалитетите – лапа, сутлијаш и пилав и да го следат фолклорниот концерт на гостите од странство: Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Турција и Словенија.
Настанот беше збогатен и со настапот на македонскиот фолк-пејач Ефто Пупиноски, кој со своите интерпретации ја освои возрасната публика.
За најуспешен земјоделец годинава беше прогласен Влатко Христов, оризопроизводител од Прибачево. Наградата ја доделува Општина Кочани и е во висина од 80 илјади денари.