Со целосната монтажа на реквизитите и уредувањето на подлогата, заврши реновирањето на детскиот парк во Паркот на Револуцијата во Кочани.

Новите играчки во паркот се донација од холандската компанија „Антура“, која како општествено одговорна компанија се погрижи да даде поддршка во подновувањето на детскиот парк.

– Со ова „Антура МК“ сака да ја истакне грижата кон најмалите жители на оваа општина, кои се иднината на секоја земја. Корпоративниот успех на компанијата носи обврски за вложување и подобрување на целокупното општество, а не само остварување на финансиски профит, рече Јохан Хејле, директор на „Антура МК“.

Хејле истакна дека политикатa на „Антура“ се темели на континуирано вклучување на компанијата како активен чинител на општествените случувања во градот.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев јавно се заблагодари на компанијата за реализацијата на проектот во интерес на граѓаните.

– Сакам да упатам апел и до останатите компании од општината да дадат свој придонес во различни проекти со кои ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните – повика Илијев.

Старите реквизити од детскиот парк, се поставени во детско игралиште кај Атомските згради, коешто го уредува КЈП „Водовод“.