Советот на Општина Кочани ја одржа 30. редовна седница, на која ги усвои сите точки од дневниот ред, од кој на самиот почеток, со цел да се доработи до следната седницата, беше повлечена точката за Анализа на состојбите за бројот на ученици и паралелки како и наставници кои се пред пензионирање, заради намалување на бројот на ученици во општинските основни и средни училишта.
И овојпат најмногу се дискутираше за состојбите во образованието, по точките за извештаите за работењето на училиштата и за годишните програми за работа. Советот ја измени одлуката за организирање општински линиски превоз на патници со учество на Општина Кочани во цената на билетот по патник, со важност на две години.
Со десет гласа „за“, Советот ги усвои измените во Планот за јавни набавки, со што се одобрува реализација на нови крупни инфраструктурни зафати во Кочани. Ќе се работи на инфраструктурен и сообраќаен проект за булевар за влез во Кочани од обиколницата пред Грдовци по улиците „Никола Карев“, „Стево Теодосиевски“ и „Димитар Влахов“, со кружни текови. Сообраќајната циркулација ќе се подобри и со 4-5 кружни текови откај Средното училиште „Гошо Викентиев“, по булеварот „Тодосија Паунов“. Планирани се изградба и опремување на детски игралишта и изградба и оградување на спортски игралишта, реконструкција на кровот на објектот „Партизан“, изградба на потпорни ѕидови на реката Масалница во Оризари, како и вршење стручен надзор над одржувањето на уличното осветлување и над изградбата на ново улично осветлување.
Членовите на Советот го донесоа и урбанистичкиот план за селото Грдовци за планскиот период 2016/26 година.