Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја одобри целосната побарана сума од 15 милиони денари за реализација на проектот „Изградба на пристапен пат од селото Оризари до манастирот ‘Пресвета Богородица’ во туристичката населба Добра Вода“.

За проектот кој беше аплициран од Центарот за развој на Источниот плански регион, со комплетна финансиска конструкција од 25.952.445 денари, Советот на Општина Кочани  во септември минатата година одобри кофинансирање од Општина Кочани во висина од 10.952.445 денари.

– Обезбедените средства ни овозможуваат да го реализираме барањето на голем број жители од Оризари и од руралните места кои гравитираат кон локалитетот Добра Вода, за изградба на пат што води до манастирот „Пресвета Богородица“. Со реализацијата на проектот ќе ja подобриме патната инфраструктура, а со тоа и комуникацијата на населението со ова излетничко место – вели Николчо Илијев, градоначалник на Кочани и претседател на Советот на Источниот плански регион.

Патот што ќе се гради од Оризари до Добра Вода е со должина од 1 900 м и ширина од 3,5 м.