По иницијатива на градоначалникот Николчо Илијев, во организација на општинската администрација, во петокот, на 15 март се реализираше акција за пошумување на локалитетот Локубија, кај Споменикот на слободата. Акцијата се спроведе со поддршка од КЈП „Водовод“ и со Подружницата на „Македонски шуми“.
Раководителот на Одделението за комунални дејности и за заштита на животната средина, Александар Гицов соопшти дека се засадени околу 200 садници дуглазија, бор ченитар со брз природен прираст. Се садеше од северната и западната страна на Споменикот, каде според планираното хортикултурно уредување на Локубија дополнително ќе бидат засадени уште три вида жива ограда: широколисна, грмушеста и исправена иглолисна. На овој начин просторот околу Споменикот на слободата ќе добие растителна рамка.
Со овие екоактивности Општина Кочани едновремено го одбележува Денот на пролетта, а ја започнува и реализацијата на парковското уредување околу Споменикот на слободата, локација што ќе се озеленува и со десетина култувирани садници платан и бел даб и е место на кое е вцртана изградба на три детски игралишта.