Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и директорот на Бирото за регуионален развој Рамиз Реџепи имаа средба со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, со кого разговараа за актуелни проекти, но и за состојбите и активностите на Општина Кочани.

– Нашата соработка е на едно високо ниво што овозможува реализација на повеќе проекти. Со ова Министерство се реализираат и проектите од Програмата за прекугранична соработка од каде ќе користиме средства и оваа година – рече по средбата градоначалникот Илијев.

Министерот за локална самоуправа Фазлиу истакна дека со посетата на општините не само што сака да слушне за потребните проекти на граѓаните, но и да донесе некоја добра вест за реализација на следни проекти.

– Во Кочани минатата година беше пуштен во употреба „Инфо-центарот“ на Пониква,  локалитет на кој Општината настојува да изгради ски-лифт, проект што беше истакнат како потребен преку Регионалниот форум во заедницата. Комисијата при Министерството ќе ги разгледува проектите, а приоритет ќе имаат оние со регионален предзнак. Во фаза на евалуација е уште еден проект поднесен од Општина Кочани, за којшто се чека конечно одобрување. Ја ценам поддршката од градоначалниците зашто само заедно, локалната и централната власт, во соработка можат да ги поместат работите да се движат напред – соопшти министерот Фазлиу.

Министерот Фазлиу додаде дека средствата за рамномерен регионален развој во мандатот на оваа Влада се зголемени за 100 % и дека Министерството за локална самоуправа се залага и средствата од другите ресорни министерства при распределбата да водат сметка за степенот на развиеност.

Во наредниот период, преку Програмата за прекугранична соработка во Кочани ќе се реализира реконструкцијата на Мултикултурниот центар, објект познат како Старо кино. Со претстојните градежни активности ќе се најде техничко решение за  негова хидроизолација, ќе се постави термоизолациска фасада и ќе се изврши внатрешно уредување.