Општина Кочани ги известува граѓаните дека е регистрирана енормно зголемена потрошувачка на вода во населените места Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци.

Додека вообичаената потрошувачка изнесува околу 23 литри во секунда, во моментов е евидентирана потрошувачка од 53 литри во секунда, што претставува повеќе од двојно зголемување и сериозно го оптоварува водоснабдителниот систем.

Причина за ваквата состојба е масовното користење на водата за наводнување на тревници, бавчи и земјоделски култури, како и за миење на дворови, бекатон и други површини.

Поради ваквата несовесна и неодговорна потрошувачка, високите зони веќе се соочуваат со сериозен недостиг на вода, а доколку потрошувачката не се намали, ќе биде загрозено редовното водоснабдување и во останатите населени места.

Општина Кочани апелира до сите граѓани веднаш да престанат со користење на водата за наводнување и миење на дворови и други површини и водата да ја користат исклучиво рационално.

Доколку ваквата состојба продолжи, ќе бидат воведени рестрикции за несовесните корисници, со цел да се обезбеди уредно и непречено водоснабдување за сите граѓани.

Апелираме до сите жители да покажат одговорност и солидарност, бидејќи само со рационално користење на водата може да се обезбеди стабилно водоснабдување до сите корисници.