По формирањето на Локалниот младински совет и верификацијата на неговите членови од страна на Советот на Општина Кочани, Советот на млади одржа две работни средби.
На првата работна средба, односно на првата одржана седница за претседател на Локалниот младински совет едногласно беше избран Иле Матеничарски, долгогодишен член и волонтер во Општинската организација на „Црвен Крст“ Кочани, а за заменик-претседател е избрана Тина Соколовска од здружението „Еднакви за сите“ – Кочани.
На втората седница Советот на млади донесе одлука за донесување на Деловник за работа по кој ќе се водат седниците и ќе се регулираат останатите права и обврски на членовите на Советот.
На седниците исто така се дискутираше и за активностите, мерките и интервенциите на Советот на млади во однос на исполнување на целите кон кои се стремат и кои се во интерес на младите во општината.
Во однос на спроведување на активностите, Локалниот младински совет на Општина Кочани потребно е да изработи Годишна програма за својата работа, која ќе се базира на реалните потреби на младите во општеството и треба да ги опфати плановите и стремежите за решавање на проблемите и потребите на младите во општината.
За подобро запознавање со улогата на ЛМС во општеството и истакнување на приоритетите на младите во Општина Кочани, а воедно почитувајќи ги принципите на јавност и транспарентност, Ве ИЗВЕСТУВАМЕ дека:
Локалниот младински совет во соработка со Општина Кочани организира Јавна трибина на која се поканети делегатите на Собранието на млади на Општина Кочани, сите младински организации, организации на млади, граѓански и општински здруженија кои имаат младински активизам, средношколските организации како и сите други заинтересирани млади од Општина Кочани кои сакаат да дадат свои предлози и идеи по кои ќе се креираат приоритетните работи за младите во општината и кои ќе бидат дел од Годишната програма на Локалниот младински совет на Општина Кочани.
Јавната трибина ќе се одржи на ден 11.04.2022 година (понеделник) во 18 часот во салата на Мултикултурниот центар во Кочани.