Под мотото „Алкохолот и воланот не се добар пар“, денеска на сообраќајниците во Кочани се реализираше превентивно-едукативна сообраќајна акција.

Во организација на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, во соработка со ОВР Кочани, Општина Кочани и ученици од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ возачите на моторни возила беа предупредувани на забраната за управување на моторно возило под дејство на алкохол.

Учесниците во акцијата  делеа летоци со едукативна содржина, како потсетување на возачите за важноста на почитувањето на правилата и прописите и опасностите од возење во алкохолизирана состојба.

Целта на оваа кампања е да се апелира за одговорно учество во сообраќајот и внимателно возење, за поголема сообраќајна култура, почитување на сите учесници во сообраќајот и издигнување на безбедноста на сообраќајот на повисоко ниво.