Советот го разгледуваше предлогот од Здружението на родители Родителски фронт, со собрани 3040 потписи од петицијата „НЕ за родовата идеологија во училиштата и во актите на општината“, со барање за исфрлање на термини кои содржат род и нивно усогласување со Законот за еднакви можности на жените и мажите. По дискусијата, го усвои заклучокот за поддршка на иницијативата и предлогот на Здружението на родители Родителски фронт за исфрлање на термините кои содржат род во постојната законска регулатива; Здружението да ја достави Иницијативата за поддршка на предлогот до органите на централната власт надлежни за донесување на законската регулатива што ја уредува соодветната материја. По исфрлање на термините што содржат род во постојната законска регулатива, Општина Кочани ќе може да постапува по предлогот на Здружението Родителски фронт.
Советот ги усвои измените во Правилникот за доделување стипендии на студенти жители на Кочани; ги усвои програмите за екскурзии, излети и други вонучилишни активности на учениците за учебната 2023/2024 г. на ООУ „Раде Кратовче“ – Кочани и на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани; одобри финансиска помош на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани за учество на ученици во образовната активност „Евроскола“ и даде согласност за донација на движни ствари од СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.
Советот даде согласност за договор за донација од „Пакомак“ ДОО Скопје; со одлука го формира Локалниот совет за превенција за подрачјето на општина Кочани; ја усвои листата на имиња за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Општина Кочани, и им даде зелено светло на сите развојни програми за 2024 година: за уредување на градежно земјиште; за изградба и одржување на општински патишта и улици; за изградба на фекална и атмосферска канализација и на системи за водоснабдување; на Програмата за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија; програмата за изградба на јавно осветлување; за изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик и на предлог-планот на програми за развој на општина Кочани за периодот 2024 – 2026 година.
Советот не ги усвои: предлог-одлуката за определување зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти кои се изградени на подрачјето на Општина Кочани; Извештајот за работењето за 2022/2023 и Предлог-програмата за работа на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани за 2023/24 година; Годишниот план за вработување на ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани за 2024 година и Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за III квартал од 2023 година.