Советот на Општина Кочани ја одржа 31. седница, на чиј дневен ред се најдоа 23 точки.

Членовите на Советот ги усвоија измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Кочани за 2023 година, со измените во програмите за уредување на градежно земјиште; за изградба и одржување на општински патишта и улици; за изградба на системи за водоснабдување; за изградба на фекална и атмосферска канализација; за изработка на урбанистички планови и урбанистички проекти и измените во Планот на програми за развој на општина Кочани за периодот 2023 – 2025 година. Советот ги усвои и измените на програмите за спорт, култура и за активностите од областа на информатичката и комуникациската технологија.

Советот донесе одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежното земјиште за изградба на типско повеќенаменско рекреативно игралиште.

Советот даде согласности за годишните планови за вработување на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ за 2024 година и за згрижување поголем односно помал број деца во воспитните групи во кочанската градинка.

Со одлука на Советот се изменија критериумите за распределба на блок-дотации на општинските основни и средни училишта, со што непотрошените средства како салдо од претходната  година ќе останат во буџетот за блок-дотации и нив училиштата ќе можат да ги користат во тековната година.

Советот не даде поддршка на полугодишните извештаи за работењето на КЈП „Водовод“, но донесе заклучок за подобро обезбедување на Градската депонија во Кочани со оградување, осветлување, поставување видеонадзор и зајакнување на нејзината стражарска служба.