На 14 декември, Советот на Општина Кочани ја одржа 22. редовна седница, на чиј дневен ред се најдоа шест точки.

Советот ја усвои одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2022 година, како и одлуките за воспоставување соработка, за формирање заедничка комисија за соработка меѓу Општина Кочани и општините од Источниот плански регион: Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Штип, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип и Чешиново-Облешево. Исто така Советот ги усвои одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу општините Кочани и Штип и решенијата за именување членови на заедничките комисии за меѓуопштинска соработка.

На 22. седница пред Советот беше претставен Нацрт-буџетот за 2023 година. Помошник-раководителот на Секторот за финансии во Општина Кочани, Гоце Манев, образложи дека вкупниот буџет за идната година е планиран со износ од 707.265.000 денари, а основниот буџет – 271.121.000 денари.

Буџетот од самофинансирање е 18.080.000 денари, на дотации – 383.749.000 денари, а буџетот од донации е планиран со 34.315.000 денари. Приходи од кредити во 2023 година не се планирани. Максималниот износ на сопствените приходи е планиран со износ од 199.930.000 денари, а пренесениот вишок на приходи – 16.000.000 денари – тоа се средствата наменети за изградба на објектите за социјално загрозените семејства. Во 2023 година се очекува да биде зголемен износот од данокот на додадена вредност на 55.100.000 денари. Сите буџетски приходи ќе бидат распределени по 40 соодветни буџетски потпрограми.

Капиталните расходи на основниот буџет во 2023 година се очекува да изнесуваат 43,63 %, а тековно-оперативните 56,37 %. Од вкупниот буџет, капиталните расходи се планирани со 19,07 %, а тековно-оперативните – 80,93 %.