Членовите на Советот на Општина Кочани ја одржаа 55. редовна седница на чиј дневен ред се најдоа 28 точки.

Поради намалената вредност на склучените договори во однос на проценетата вредност,  Советот ја усвои измената на Планот за јавни набавки. Исто така беа усвоени и измените на Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација, Програмата за изградба и одржување на општинските патишта и улици и Програмата за социјална, детска и здравствена заштита.

Советот даде согласност на договорот за примање донација од НЛБ Тутунска банка, која преку Општина Кочани ќе додели таблети за ученици од кочанските училишта. Донацијата е во вредност од 268.380 денари.

На денешната седница, членовите на Советот го избраа Александар Темелков за нов командир на Полициската станица од општа надлежност – Кочани, инспектор со 20-годишно работно искуство во Полицијата.

Одлуката на Советот за проширување на Буџетот на Општина Кочани, ќе овозможи реализација на средства во износ од 20.272.000 денари за капитални инвестиции во основните, средните училишта, во Детската градинка „Павлина Велјанова“ и ЈОУ Библиотека „Искра“.

Дискутирајќи по информацијата за состојбата со коронавирусот, членовите на Советот повикаа на одзив за вакцинација и на доследно почитување на мерките за заштита и спречување на ширење на заразата.